fbpx
ВестиТоп вести

Поради ниската цена голем дел од индустриското јаболко  ќе остане  несобрано

По неколкудневниот прекин, поради дождот и снегот, овоштарите воПреспа продолжија со бербата на јаболката што останаа по овоштарниците.  Официјално бербата на трпезното јаболко е завршена и остана да се дособери родот што ќе оди како индустриско јаболко. Овоштарите оваа сезона ја оценуваат како катастрофална. Ова најмногу се должи на цената по која се откупува јаболкото. Единствена надеж за ублажување на состојбата се оние три денари што државата им ги вети на овоштарите.

„Цената е многу ниска. Еден денар е многу малку. Минатата година откупувачите  ни даваа вреќи. Сега тоа не го добиваме,  вреќите сами ги плаќаме,  исто како и работниците ,ги предаваш во откупен центар и ќе ги  чекаш оние три денари  дури во месец јули или август в година. Оваа мерка со три денари помош не е лоша, доколку постоеше можност со откупната белешка да може да се подигнат парите за 2-3 дена. Така ќе може да се платат вреќите и работниците, вели Стевче Радевски од с. Царев Двор ресенско. Финансиски сме исцрпени, ова им го предлагавме на надлежните во министерството, но нашиот предлог  не беше прифатен. Исто така во делот на мерки, во минатото им предлагавме на надлежните  да се разграничат регистрираните земјоделци и семејствата на кои земјоделското производство им  е основна дејност додава  Радевски. На семејствата кои егзистираат од земјоделство да им се даваат повисоки субвенции“, вели тој.

Ниската откупна цена е причина Радевски оваа сезона индустриското јаболко од околу 60 -70 тони воопшто да не го носи на откуп. Од 5 ха површина собрал 300 т трпезно јаболко. Успеал нешто да продаде, дел да предаде во откупниот центар Макази, дел на трговци во Скопје. Исто така дел од производството замина  за рускиот пазар, претежно црвениот делишес,  и тоа по многу строги критериуми за квалитет. Радевски појаснува дека критериумите се европски но цените балкански.

„Производната цена на јаболкото е од 8-10 ден, но во оваа цена не се влезени фиксни трошоци, трошоци за амортизација на земјоделската механизација и друга опрема, како и цената на вложениот труд“, појаснува Радевски.

Како и за многу овоштари од преспанскиот регион  одгледувањето на јаболка значи   егзистенција  на семејството Радевски. Во целокупните работи вклучени се сите членови од семејството. Сезоната ја оценуваат како катастрофална и размислуваат за намалување на производството и копачење на садниците.

Павлина Јовановска

Зелена берза

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close