Од денеска до 27 декември сите субјекти што произвеле или продале риба од сопствено производство на пазарите ќе може да аплицираат за добивање финансиска поддршка по Програмата за финансиска поддршка во рибарство и аквакултура. Средствата по оваа програма може да ги добијат сите субјекти што набавиле порибителен материјал за насадување на рибниците во периодот од 1 февруари до 30 септември годинава или, пак, произведената риба во рибниците ја продале во период од 1 ноември 2017 година до 31 октомври годинава.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, истакна дека до 300 000 денари по корисник може да добијат оние субјекти што набавиле подмладок или сами го произвеле и насадиле. Финансиска поддршка ги следува и субјектите што произвеле и продале риба на пазарите а кои во периодот од декември 2017 година до декември годинава немаат увезено жива риба. Бабовски истакна дека субвенциите се доделуваат скалесто во зависност од капацитетот на рибникот.
„Рибниците што произвеле и насадиле до 25.000 килограми ќе добијат 100 отсто субвенција од 20 денари за килограм продадена риба. Оние субјекти кои насадиле или произвеле од 25.000 до 50.000 килограми ќе добијат 75 отсто субвенција за 20 денари продадена риба, додека за субјектите до 100 000 килограми субвенцијата изнесува 50 отсто од 20 денари за продадена риба. Најмала, односно 25 % субвенција, ќе добијат субјектите кои имаат над 100 000 килограми насадена или произведена риба“ – истакна Бабовски.
Целта, според Бабовски, е да се мотивираат и стимулираат малите производители да се развиваат и да се унапредуваат, како и да го зголемуваат домашното производство на риби.
Сите апликанти кои ги исполнуваат условите за добивање средства преку Програмата за рибарство и аквакултура, документите за добивање на оваа финансиска поддршка може да ги достават лично во архивата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството или преку препорачана пошта. Крајниот рок за доставување на барањата е 27 декември. Сите барања што ќе бидат доставени по тој рок нема да се разгледуваат.