Земјоделците ќе добиваат по 15.000 евра државна помош годишно
Европската комисија (ЕK) усвои дополнителен пакет-мерки предвидени во Заедничката земјоделска политика, чија цел е да ги поддржи европските фармери и да се заштити домашниот пазар на заедницата.
Новиот пакет беше претставен од комесарот за земјоделство во ЕУ, Фил Хоган, и е во прилог на мерките во вредност од 500 милиони евра договорени во септември 2015 година, додаваат од Брисел.
Мерките се фокусирани на млечниот и месниот сектор, како и на производството на овошје и зеленчук. Тие предвидуваат привремено зголемување на износот на државната помош за секторите – до 15 илјади евра за земјоделец годишно, удвојување на интервенцијата за резерви квалитетно млеко во прав и путер – на 218 илјади тони, односно 100 илјади тони, како и подобрување на улогата на производителите во синџирот на снабдување.
Ќе има и нова шема за приватно складирање свинско месо (ПСА), но Фил Хоган не соопшти детали за неа.
Во потрага по нови пазари за европските земјоделски производи оваа година беа доделени 110 милиони евра по програми за извоз на стоки во трети земји. Според предлогот од септември 2015 година, над 30 милиони евра од нив се за млечниот и месниот сектор.
Од ЕK посочуваат уште дека работат за нормализирање на трговските односи меѓу ЕУ и Русија, но нема напредок во овој поглед. Сепак, од Брисел постигнале успех во однос на фитосанитарните мерки кои се применувале од Русија во однос на европските стоки, вклучително и од САД, Јапонија, Бразил и од Украина.
Во однос на секторот на производството на овошје и зеленчук, мерките ќе продолжат до укинувањето на руското ембарго, кое треба да истече на 30 јуни 2016 година.
Kомисијата ќе работи со земјите од ЕУ во однос на тоа како програмите за развој на земјоделството може да бидат преработени за да одговараат на моменталната ситуација, заклучуваат уште од ЕK.