Во јануари, во лозарството се вршат релативно малку, како агротехнички, така
и мерки за заштита. Во сончевите и потопли денови треба да се изрши ревизија
лозите за утврдување на зараза од црвен овошен пајак и гроздови молци (жолт и сив),
непријатели кои често ги напаѓаат лозовите насади и предизвикуваат значителна
штета. Овие штетници презимуваат како јајца на чеповите на лозјата и околу пупките
на лозови прачки и во пукнатините на кората.
Со овие проверки ќе се востанови густината на штетниците и ќе планираат
мерки за борба против нив во вегетациониот период.
Повеќето од земјоделците, кои ќе подигаат нови лозови насади, го купуваат
потребниот саден материјал во есен и го чуваат до пролет следната година. За да не
се дозволи наезда од габа-црнокафеави дамки под кората-црнилка, потребно е да се
создаде оптимален режим на чување. Мора да се одржува влажноста на воздухот
околу 60-65%, и влажност на песокот околу 3-5%, а температурата на воздухот да
биде од 2-6 степени Целзиусови. При зголемување на температурата над 8-10
степени, има опасност од никнување на пупките.
Во јануари често температурите паѓаат до многу ниски вредности. Неопходно е
да се знае дека температури под минус 20 степени можат да доведат до смрзнатини
на дел од пупките на лозовите насади. На крајот на месецот треба да се изврши
ревизија за присуство на смрзнатини. Оваа проценка е неопходна за правилно
нормирање на родот во наредната година преку резидбата.