Во голем дел од фармите во рамничарските подрачја, почетокот на годината се
совпаѓа со периодот на јагнење. Затоа треба да се посвети сериозно внимание на
исхраната на приплодните овци во текот на овој период на годината – вториот период на
бременоста или периодот на доење на новородените јагниња. Во вториот период на
бременоста, барањата на животните се зголемуваат со 15-20%. Храната за овците во овој
период треба да биде таква што ќе обезбеди повеќе компоненти – по 0,3 килограми
концентрирана сточна храна со трици или мешавина со пченка, до 3 килограми ливадско
сено, 0,5 кг луцеркино сено, 1 кг сточна репа и до 0,5 килограми слама. Периодот на
доење (првите два месеци по јагнењето) се карактеризира со нагло зголемување на
барањата на животните. Дневната доза на една овца треба да вклучува околу 0,4
килограми смеска од 2-3 вида концентрирана храна (пченка и јачмен во вид на крма), 1,5
килограми ливадско сено, 2 кг силажа, 1 кг слама и околу 10 г минерални материи.
Камена сол се дава по желба.
Во месец јануари започнува и окозувањето на козите. За нормално раѓање на јарињата
потребен е целосен мир на мајките, да биде добро исчистено, релативно топло, суво и да
нема провев во просторијата. Просторијата се чисти, главно се дезинфицира две недели
пред окозувањето на козите. Потоа подот се прекрива со дебел слој чиста сува слама. Во
последните денови до окозувањето, треба внимателно да се следи однесувањето на
бремената коза, за да ѝ се укаже потребната помош при потреба. Со наближувањето на
породувањето, козата станува вознемирена, често легнува, станува, жално блее, вимето
се зголемува, половиот орган отекува и од него истекува слуз. Породилниот чин
започнува со прикажување на породилниот меур. При нормално раѓање, меурот не се
раскинува, тој пука сам. Нормалното породување обично трае 30-35 мин., а кај младите
кози кои се прворотки трае 40-45 минути. При нормална положба на плодот, кога
најнапред излегуваат колената на предните нозе на кои лежи главата, раѓањето е лесно и
помош не е потребна. При неправилна положба на плодот, кога излегуваат предните
нозе, а главата не се појавува, бидејќи е свртена наназад, или плодот лежи дијагонално
или излегува од задниот дел, треба да се побара помош од ветеринар.