fbpx
Вести

Да не се санитарните пречки, галичко сирење ќе ја прегази и моцарела

Домашните производители на традиционални сирења произведуваат мали количества за задоволување, пред се на потребите на локалниот пазар и немаат доволна поддршка за поголема дистрибуција и извоз

Македонското сирење и покрај тоа што е препознатливо по својот вкус и квалитет во регионот тешко стигнуваат до пазари и потрошувачи во соседните земји. Причините за слабиот извоз на македонските сирења во регионот и во Европската Унија се многубројните санитарни услови и барања кои производителите треба да ги исполнат, како и недостигот од унифицирано производство и поголеми количества. Од друга страна, во домашните производители на традиционални сирења произведуваат мали количества за задоволување, пред се на потребите на локалниот пазар и немаат доволна поддршка за поголема дистрибуција и извоз.
Според експертите бариера за пласманот е нестандардното производство кое се среќава токму и во производи со заштитено географско име. Значи, оние кои стојат зад продукти со заштитено географско име, мора да произведуваат врз основа на сертификати или елаборат за изработка кои ќе го гарантира стандардот. Така на пример кога станува збор за галичко сирење, квалитетот не смее да варира од канта до канта, бидејќи станува збор за ист производ. Ова не се толерира на европските пазари. Затоа се прават напори да се направат стандарди, сертификати, елаборати кои го опишуваат процесот на производство со што секоја количина која би била пласирана на пазарот би го имала истиот квалитет, објаснуваат експертите.
Друга причина, се законските прописи кои се многу строги кога се работи за производи од животинско потекло.
– Во ЕУ не е можно да извезуваш сирење ако не си регистриран како индустриски капацитет за мали производители, а за извоз во соседните земји потребни се низа санитарни дозволи. Од друга страна помалите производители во Македонија не се регистрирани по сите стандарди и произведуваат мали количества за задоволување, пред се на потребите на локалниот пазар, вели Елена Каровска од “Слоу фуд Македонија# и додава дека традиционалните сирења најчесто се продаваат на познати купувачи.
Според професорката Соња Србиновска од Факултетот за земјоделски науки и храна треба да видиме што треба да направиме како држава заедно со фармерите со цел традиционалната храна во иднина да стане поперспективна.
– Треба да почнеме се почесто да ја промовираме локалната храна, да создадеме свои брендови, да ги заштитиме тие производи кои ќе бидат препознатливи за Македонија. Традиционалната храна всушност треба да ја произведете од домашните автохтони животни кои се прилагодени на домашните услови, кои се отпорни на сите сурови климатски промени, подобро ја искористуваат храната и даваат млеко со многу карактеристичен мирис, вкус, конзистентност. Млекото добиено од такви автохтони раси всушност му ја дава специфичноста на финалниот производ. Затоа многу е важно млекото добиено од автохтони раси да се валоризира во еден финален производ, локален, карактеристичен од кој ќе може да добијат бенефит и сточарите и државата, вели Србиновска.

 


 

vecer

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close