„ЗЕЛЕНАТА НАФТА“ „ЌЕ ПРИСТИГНЕ“ ДО ПРОЛЕТНАТА СЕИДБА
„Зелената нафта“ за земјоделците ќе биде достапна најверојатно за пролетната седиба. Мерката ќе опфати 55.000 производители, а предвидува со државни пари да се покријат 30 проценти од трошоците за набавка на гориво за земјоделската механизација. Средствата се обезбедени и програмирани во буџетот на Платежната агенција.
За да користат „зелена нафта“, земјоделците ќе имаат наменски, типизирани трансакциски сметки и посебни дебитни картички од банки.
Како што велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), постапката за воведување „зелена нафта“ е во завршна фаза. Изработена е методологија за секоја култура одделно. Точно се знае колкави се трошоците за гориво по хектар.
– Јавниот оглас за јавна набавка на картичките ќе биде распишан во првата половина на јануари 2019 година. Всушност, од овој месец почнува печатењето на картичките. По изборот на банка имплементатор, во соработка со подрачните единици на МЗШВ и банката, ќе се соберат барањата за аплицирање за „зелена нафта“ и барањата за отворање наменска дебитна картичка по формулар пропишан од банката. Отворањето на наменските земјоделски сметки за картички што ќе се користат за „зелена нафта“, зависно од логистичкиот капацитет на банката имплементатор, ќе биде не повеќе од еден месец, велат од МЗШВ.
Печатењето на картичките, вклучувајќи го и нивното доделување, би требало да се заокружи најдоцна до април 2019 година. Целта е земјоделците да имаат поевтина нафта за механизација за пролетната сеидба.
– Кофинансирањето за почеток е 30 отсто од трошоците, но со оглед на тоа дека се работи за нова мерка што прв пат се воведува, не е исклучено овој процент да се зголеми до 50. Користењето на картичките е предвидено да биде за повеќе години. Земјоделците би можеле да ги користат во сезоните кога вистински таа нафта се употребува за конкретното земјоделско производство за кое е наменета, објаснуваат од Министерството.
Плаќањето ќе се врши авансно, за што е задолжена Платежната агенција.
-Од моментот на префрлање до моментот на исплата, банката е должна да исплати позитивна камата назад во Буџетот на РМ. По добивање на средствата, банката ги проследува на наменските дебитни картички во моментот кога ќе добие писмен допис од надлежната институција, во овој случај МЗШВ. Изборот на оваа опција за имплементација на мерката нема да значи избор на повластен снабдувач на гориво, информираат од МЗШВ.