Египетски компании заинтересирани за увоз на македонско јаболко
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, вчера се сретна со министерот за земјоделство на Египет, Абу Сетејт, со кој разговараше за унапредување и олеснување на трговската размена со земјоделски производи, зголемување на извозот на македонски земјоделски производи во Египет особено на македонското јаболко.
„Во последните неколку години египетски компании покажаа интерес за увоз на македонското јаболко, поради што на состанокот беше отворено и прашањето за изнаоѓање на начин за укинување на царинската стапка од 40 % за македонското јаболко која што го прави неконкурентно на пазарот во Египет, како и за увоз на земјоделски производи од Египет кои се атрактивни за пласман во Македонија“, соопштија од Министерството.
Министрите се договориле да започнат преговори во рамки на техничката работна група која ќе се формира согласно Протоколот за соработка во земјоделството. Николовски на 11 февруари ќе отпатува во посета на Каиро, во рамки на која што ќе се разговара и за други форми на соработка, особено во делот на науката и истражувањето, програми за обука во делот на наводнување и поврзување на комапниите од двете земји преку организирање Б2Б средби.
Состанокот се одржа во рамки на меѓународниот саем за земјоделство и храна „Зелена недела“ во Берлин.