Стотина свињи редовно се хранат од ѓубрето на битолските депонии близу РЕК-Битола. Според очевидци тие ја посетуваат депонијата „Мегленци“, јадат и набрзина се оддалечуваат од депониите. Свињите се од битолските локални фарми и одгледувачници од селата во близина но никој не знае точно чии се и дали инспекциите вршат надзор врз оваа опасна појава, бидејќи истите свињи завршуваат во кланиците и на трпезите на граѓаните. Фотографиите до кои дојде „Макфакс се направени пред три дена и најчесто оваа посета на свињите се случува во попладневните часови.
На оваа депонија завршува ѓубрето од Битола, Могила и Новаци, но комуналците не се обврзани да ги спречат и животните да доаѓаат и да се хранат на ѓубриштето. Со оглед на тоа што оваа депонијата е веднаш до РЕК кој е еден од главните причинители за загадениот воздух во битолскиот регион, со чадот од оџаците и смрдеата од депониите се контаминираат и свињите.
За оваа долгогодишна појава во битолскиот регион се запознаени надлежните институции и од година во година тие даваат празни ветувања дека ќе преземат нешто и дека околу Битола ќе се направи современа депонија и ќе се спречи опасното разнесување на ѓубрето што го прават кучињата. Одговорност за квалитетот на месото од овие свињи нема кој да понесе бидејќи никој од жителите на Мегленци, не знае или пак не сака да зборува чии се животните и каде се продаваат.
Оваа депонија и РЕК, повеќе пати од еколошките здруженија се посочени како еколошки бомби кои систематски ја уништуваат природата и се главен причинител за високата концетрација на штетни ПМ честички во воздухот во Битола и во околината.