fbpx
ВестиТоп вести

ИМА ИНТЕРЕС ЗА СОБИРАЊЕ БИЛКИ

Од собирање и продажба на билки може да се има дополнителен приход, но не и да се заработи некоја голема плата, за да може само од тоа да се живее.

Ова го тврди млад битолчанец кој 7 години продава билки, а собира околу 200 видови, при што сите се во различни количини зависно од потребата. Поседува и 300 квадрати површина под невен, но вели дека проблем е што организиран и загарантиран откуп во државата нема, и секој се снаоѓа индивидуално. Вели дека онаму каде има откуп, цените не се високи.

„Продавам, невен, босилек, нане, но планински чај највеќе се бара. Луѓето го бараат, претежно постарите кои се навикнати да пијат чај затоа што е корисен, но и вкусен, има навистина убав вкус. Од година во година сѐ полошо оди работата. Ако има откуп, и даваат по 40 денари за килограм од одредена билка, сметајте дека вие ако одите и собирате билки во планина, со таа цена дневница не можете да извадите. Има и пензионери кои собираат билки и ги продаваат“, вели тој.

Горан Ристески од селото Самоков во околината на Македонски Брод објаснува дека во околината на градот многу луѓе собираат билки. Само во неговото село дваесетина луѓе собираат чаеви и ги продаваат.

„Собираат билки обично луѓето кои се невработени, ги има од сите возрасти. Собираат мајчина душица, коприва, кантарион, а во овој период се собира мов. Си имаат купувачи и во последните години луѓето велат дека се задоволни. Цената за килограм мов е едно евро. Колку ќе можат да соберат, тоа не се знае, ќе соберат онолку колку што ќе даде природата. Јас лично не сум собирал, но имам пријатели кои собираат чаеви“, додава Ристески.

Овој човек исто така се согласува дека само од билки не може да се живее, но може да се дојде до одредена заработка која ќе го потполни домашниот буџет.

Но, има и такви кои допрва планираат да се занимаваат со продажба на билки.

извор: фактор

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close