Во пет општини е објавен оглас за закуп на нови 1.100 хектари државни земјоделски површини, понудените парцели не се поголеми од три хектара, а предност за закуп има населението во близина на земјиштето, односно земјоделците кои ќе произведуваат едногодишни и повеќегодишни култури.
Вкупно на огласот се понудени скоро 1.150 хектари во Свети Николе, Велес, Прилеп, Пробиштип и во Радовиш. Нивите можат да се користат за одгледување на едногодишни и повеќегодишни култури, за лешници и за рибници, за период од 15 години до 70 години. Изборот на најповолен понудувач се врши врз основа на највисока понудена годишна закупнина по хектар, а предност, односно најголем број бодови, ќе има населението во близината на земјиштето. Почетната цена на закупот за хектар се утврдува во зависност од местоположбата и катастарската класа. Понудите се поднесуваат во рок од 30 дена од денот на објавувањето на јавниот оглас. |