Синпекс ДОО, Кромберг & Шуберт- Битола, Киро Дандаро, Пица ресторан Кус-Кус, Бимилк, Хемометал и Cylindo како општествено одговорни компании денеска се вклучија во акцијата „Дај свој придонес- засади дрво!“ во која како инцијатор се јави фирмата Интерворкс –Битола.
Во Градскиот парк во Битола денеска на денот на пролетта вриеше како во кошница откако од најмало до највозрасно се вклучи во акцијата која носи импозантна бројка од десет илјади садници кои треба да бидат засадени на повеќе локации низ градот. По минатогодишната акција, оваа пролет ќе бидат засадени околу 2800 садници од кои добар дел во училиштата, градинките, Зоолошката градина, Градскиот парк и Клиничката болница Битола кај објектот на Онкологија. Потоа садници ќе им се поделат и на физички и правни лица.
-Целта ни е да создадеме подобри услови за живот и работа за сите нас кои живееме тука. Лани се засадија 1500 садници кои беа поделени на физички и на правни лица, а оваа година на огромно задоволство ни се вклучија уште 8 компании од Битола, тука Општина Битола се јави како примател на донацијата, ЈКП Комуналец како наша голема логистичка поддршка и во делот на засадување и одржување на садниците ги презема обврските.Како општетсвено одговорни компании сакаме да дадеме пример како треба да се чува животната средина и зголемувањето на квалитетот на амбиенталниот воздух, рече Јасмина Антиќ- Атанасовски, менаџер за човечки ресусри во Интерворкс –Битола.
Иванчо Стаматовски од Синпекс-Битола рече дека како претставник на компанија која се грижи за благосостојбата на општетсвото Синпекс безрезервно се вклучува во акцијата, а во своето триесетгодишно постоење била многупати и иницијатор на вакви и слични акции.
-Од се срце го поздравуваме овој гест на Интерворкс, ги поздравуваме и другите компании кои се вклучија кон оваа инцијатива и апелираме кон сите други правни и физички субјекти да се вклучуваат што повеќе кон ваквите акции и на било кој начин да ги поддржуваат. Сите компании се вклучивме со една единствена цел да покажеме колку е важно зачувувањето и одржувањето на здравата животна средина . Тој пример го следиме постојано, се обидуваме да бидеме компанија која не само што тргува со различни производи, туку тие да бидат што повеќе пријателски настроени кон животната средина, рече Стаматовски претставникот на Синпекс-Битола.
Утре ќе бидат засадени површините во Клиничката болница во Битола.
А.Б