fbpx
ВестиТоп вести

Купувајте боја за јајца во кесички, не „на лажички“

Велигденски бои за јајца да се купуваат во продавница, а не на пазар. Граѓаните да внимаваат кога пазаруваат, бојата за јајца да биде спакувана и јасно да се чита составот и производителот, советуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Пред големиот празник Велигден инспекторите за храна активно ги контролираат и пратките со свежи јајца, за кои периодов има зголемена побарувачка. Ќе се проверува потеклото на јајцата, односно дали потекнуваат од одобрени фарми или собирни центри, дали се обележани, ќе се контролира рокот на употреба, начинот на транспорт, како и дали продавачите ги чуваат на исправен начин.

0C9B7EB3257B164CBB952E3F0B93842F

Боите за традиционалното фарбање јајца, кои и деновиве се продаваат рефус на зелените пазари, можат да бидат опасни за здравјето на луѓето. Продавачите ги нудат како квалитетни, со образложение дека со едно лажиче може брзо и лесно да се вапцаат повеќе јајца. Но всушност, постои опасност дека дел од нив не се чисти прехранбени бои. Најголемата опасност од нив доаѓа доколку преку скршената лушпа навлезат во јајцето.

Со оглед на тоа дека овие бои се продаваат на отворено, не се пакувани и не може да им се утврди потеклото, производителот, ниту пак, точниот состав, граѓаните преземаат голем ризик ако решат да ги употребуваат.

Поради тоа, од Агенцијата за храна апелираат боја за јајца да не се купува „на лажиче“, туку во кесичка, со јасно упатство за употреба. Информираат дека во прометот во маркетите и на пазарите може да се пуштат само бои за јајца од регистрирани производители и тие треба соодветно да се означени.

vesel-veligden-kako-da-napravite-sareni-jajca-vo-poveke-boi-video-01

„Агенцијата за храна и ветеринарство во деновите пред Велигден спроведува засилени инспекциски контроли во производството, увозот, преработката, дистрибуцијата и продажбата на јајца и на боите за јајца. Апелираме до граѓаните да купуваат јајца и боја за јајца од регистрирани производители и увозници, соодветно означени“, велат во Агенцијата.

Од таму посочуваат дека инспекторите ќе ги посетат и домашните производители на бои за јајца и ќе испитуваат дали ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност, односно дали претставуваат опасност по здравјето на луѓето и како влијаат на нутритивниот квалитет на храната.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close