Креативноста и идеите се клуч за развојот на секој бизнис, а способноста на менаџерот да препознае вистинска идеја е она што го прави прв меѓу еднаквите. Поддршката која тој може да им ја даде на вработените за да се борат за остварувањето на своите идеи со сигурност гарантира успех на целиот колектив.
Сакам да нагласам дека нема нешто што не може да се оствари, ако некој е доволно решен да се бори за она во што верува.
Тераграмин беше создаден во 2016 година, како производ од новата дејност на компанијата. Веќе следната 2017, со овој проект компанијата Скопски Легури се здоби со 2 награди за општествено одговорна компанија во делот на животната средина и за најиновативен проект на годината во конкуренција на проектите од сите компании во државата, учеснички на конкурсот организиран од Министерството за економија и поддржан од Европската унија.
Дали беше тешко да се создаде нов производ кој во себе содржи иновативност и истиот да се понуди на нашиот пазар?
Креирањето нови производи и нивното лансирање на пазарот не е секогаш лесна работа. Како основа за креирање на нови производи потребни се иновативни и креативни луѓе, како и услови кои треба да се создадат од страна на раководството. Скопски Легури го поседува сето ова и како резултат дојде идејата за создавањето на нашиот производ Тераграмин – подобрувач на својства на почва кој креира подобрена почвена средина и идеални услови за развој и одгледување на сите земјоделски култури. Како и луѓето, така и растенијата бараат подобро опкружување и услови за да можат да го дадат својот максимум, односно најдоброто од себе без да бидат целосно исцрпени.
Што се однесува до брзината на освојувањето на пазарот, таа во голем дел зависи од вложениот напор, а највеќе од тимот што се занимава со тоа на дневна основа, од производство до пласирање на нива. Мојата оценка за темпото на освојување на пазарот е дека ги надминува зацртаните планови.
На што го ставате фокусот при претставувањето на производот меѓу земјоделците и како е прифатен истиот?
Производот постои од 2016 година и за овој релативно краток период веќе голем дел од субјектите во земјоделството, компании и индивидуални земјоделци се запознаени со ефектите кои ги дава производот и голем дел од нив имале лично искуство со неговата примена. Веќе 2 години соработуваме со Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и преку таа соработка успеавме да го доближиме производот до крајните корисници најпрво преку демонстративни опити на терен, при што имавме исклучителни резултати, особено кај култури како што се оризот, тутунот, градинарските култури и сл. Исто така имаме и позитивни резултати добиени од нашето сопствено опитно поле, каде се собираат податоци за најразлични култури. Во делот на рекламирањето ја избравме Зелена Берза и можам да кажам дека за кратко време сите дознаа за нас и имаат можност да читаат за искуствата од употребата на Тераграмин, бидејќи списанието е достапно низ целата држава.
Дали земјоделците имаат навика да влијаат на подобрување на квалитетот на почвата со примена на производи како Тераграмин?
Она што се забележува на терен во комуникација со земјоделците е дека тие сите производи ги третираат и ги нарекуваат како ѓубрива. Некомерцијални подобрувачи од секогаш се користеле, како на пример, песок, вар, пепел, комиње и сл. Земјоделците најдобро ја познаваат својата почва, нејзините предности и мани. Таа ги храни и им обезбедува егзистенција. Знаат дали е тешка за обработка, колку и дали задржува влага, дали е ровка, растресита или глинеста и леплива. Проблем е тоа што нема пракса да се прават почвени анализи, тоа би им дало подобри насоки и за третирање на почвата и за нејзино ѓубрење, но ние секојдневно работиме на терен во различни краишта на државава за да ја подигнеме нивната свесност за тоа што значи добрата земјоделска пракса. Оттаму ги анимираме, одржуваме презентации и им ги соопштуваме предностите од употребата на Тераграмин и за тоа како подобрениот водно – воздушен и топлотен режим, балансираната pH вредност на почвата можат да влијаат на крајниот ефект при земјоделското производство и на зголемувањето на приносот. Некои се скептични, други пак многу отворени за примање на нови информации и иновативни нешта.
Со што се соочувате при посетите и презентациите на производот пред земјоделците низ државата?
Земјоделството е гранка од големо значење за животот и економијата на државата и за постигнување подобри резултати треба максимално да се искористат најдобрите земјоделски пракси по пат на информирање и доедуцирање на земјоделците.
Треба исто така да се промени и перцепциjaта за начинот на докажување на резултатите и ефектите од употребата на производот. Не е потребно да се поставуваат опити во секој двор или нива за да се докажат ефектите. Точно е дека земјата, условите за наводнување и обработката се различни, но има основни принципи на позитивното дејство на Тераграминот на различни култури, а се друго треба да се прилагоди кон конкретната нива.
Им порачувам на земјоделците да не се затвораат во својот свет, туку да бидат отворени за нови идеи и пракси. Исто така да разменуваат искуства меѓу себе, со соседите, како и соседните села и општини, во задругите и здруженијата, истите најдоброто да ги применуваат, со што ќе постигнат најголем бенефит за себе.
Какви се Вашите идни планови на полето за развој на Вашиот бизнис?
По освојувањето на домашниот пазар, планираме да го прошириме пласманот и во соседните земји, за што и сме во преговори. Исто така планираме да го прошириме и асортиманот со други иновативни производи, со што ќе им помогнеме на земјоделците во нивната секојдневна, тешка и благородна работа.
Зелена берза