Вести
Финансиска поддршка за производство на сертифициран расад
Првата земјоделска задруга во Македонија ДКК ФУДС од битолско Кукуречани, прва во Државата започна и со сопствено производство на сертифициран расад за сопствените потреби, каде осумнаесет земјоделци- задругари, на 150 ха произведуваат градинарски култури- пиперки, домати, краставици и зелка. Тие изградија најсовремен пластеник, а со сопствениот расад ќе заштедат значителни средства. Мониторингот на расадувањето ќе биди следено од советниците на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделското производство.
– Во овој пластеник планираме да произведуваме расад за градинарски култури. Во задругата ќе произведуваме негде околу 200 тони пиперка, исто толку и индустриски домат, па затоа е направен овој пластеник за сопствено производство – рече Благој Ѓоргиевски, задругар во ДКК ФООДС- Кукуречани.
За подигањето на пластеникот, задругата ги искористи сите погодности што ги овозможуваат владините политики за развивање на оваа дејност .
– За овој објект на пластеникот, обезбедени средства преку Програмата за рурален развој со износ од 10. 000 евра и дополнителни 4,5 илјади долари преку проектот КАРАНА на УСАИД, со кои, беа набавени опрема за производство на струја т.е. агрегат, калорифери за затоплување и систем за наводнување со замаглување- рече Игор Златков, директор на Агенцијата за поттикнување развојот на земјоделското производство.
Расадот последниве години е дефицитарен за речиси сите градинарски и индустриски култури, почнувајќи од тутунот, па се до пиперките. Целта е, во секое село да има барем по еден ваков пластеник, од каде што земјоделците ќе можат да добијат сертифициран расаден материјал.
– Интенција на Агенцијата е, исто така, да го поттикне производството на расад и во другите села на Пелагонискиот регион, а целта е да се поттикне производството на расад на високовредни култури, како што се градинарските- рече Зоран Бардаковски, раководител на ПЕ во Битола на АПРЗ.
Владата покрај овие мерки, дополнително за секое стебло од сертифициран расад плаќа по пет денари на име субвенции. Меѓутоа, несертифицираниот расад кој е забранет со закон, државниот инспекторат го запленува и изрекува парични казни.