fbpx
Вести

Државни ниви за садење на пауловнија, гоџи, лешници, но и за селски туризам

Брзорастечкото дрво пауловнија, гоџи, маслинки, актинидии, но и лозови и овошни насади, како и рибници, спортско-рекреативни активности и селски туризам се само дел од намените за кои граѓаните може да земат државна земја. Министерството за земјоделство објави неколку огласи со над 40 хектари државна земја во Велес, Прилеп, Свети Николе и во Радовиш, која сите заинтересирани може да ја земат под закуп од 15 до 70 години во зависност од намената. Дел од земјата е наменета и за подигање нови оранжерии. Во огласите стои дека за лешници закупот е до максимални 70 години, за хмељ и долгогодишни овошни и лозови насади од 30 до 50 години, а за селски туризам 30 години. Првичната цена за нивите на јавното наддавање е од 90 до 120 евра за хектар за овоштарниците и маслинарниците. Цената, пак, од хектар за оранжериите е од 1.257 евра до 2.743 евра. Право на учество на јавниот оглас имаат домашни физички и правни лица и странски фирми.

drzhavni nivi za sadenje na paulovnija godzi leshnici no i za selski turizam

 

Расте интересот за нови површини

Во Министерството за земјоделство потврдуваат дека интересот за државна земја расте од година на година.

– Секоја година се зголемува површината на земјиштето што се нуди на оглас. Најголем дел се дава на долгогодишен закуп. Закупнината редовно се плаќа бидејќи во спротивно се губи правото на субвенции кои се земаат за насадот и секако дека земјата се губи, односно се одзема ако има заостанат долг – велат во ресорот. Според официјалните податоци, Министерство за земјоделство има објавено седумдесетина јавни огласи и за доделување земјоделско земјиште во државна сопственост. Досега на целата територија на земјава под закуп доделена е површина од 61.412 хектари земја. Министерството за истиот период има склучено 8.798 договори за закуп. Секој што планира да земе државна нива мора да е регистриран земјоделец или да има фирма, а ако фирмата пропадне или земјоделецот престане да се занимава само со земјоделство, тогаш договорот му се прекинува. Ова се прави со цел да се надминат проблемите што го следат овој дел од аграрот во поглед на неплатена закупнина, подигање едногодишни насади наместо на повеќе годишни или немање елаборат и бизнис-план.

Фирми само со бизнис-план

Правните лица што планираат да учествуваат на огласот, покрај другите документи, треба да достават и бизнис-план кој содржи основни податоци за учесникот, целта за која ќе се користи земјиштето, применетата технологија, бројот на вработени, пазарни аспекти, очекувани производствено-економски резултати и банкарска гаранција за учество на јавен оглас во висина на понудената годишна закупнина.

Физичките лица, пак, треба да достават програма за користење на земјиштето со основни податоци за семејството, техничко-технолошка опременост, целта за која ќе го користи земјиштето, како и банкарска гаранција. Изборот на најповолен понудувач ќе се врши врз основа на највисоко понудена годишна закупнина од хектар постигната преку електронско јавно наддавање. Идните инвеститори во расадничките оранжерии ќе може да користат повеќе извори на финансирање што ги нуди државата.

Во Законот за земјоделското земјиште се предвидени и парични казни за оние што имаат склучени договори за закуп, а што не ги почитуваат одредбите од законот кои се движат од 1.000 до 100.000 евра за правни и физички лица кои извршиле привремена пренамена за неземјоделски цели, кои вршат загадување на земјоделското земјиште или ако не го вратат во првобитна состојба.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close