fbpx
ВестиТоп вести

Водопадите на Беласица уредени, посетители има но нема кој да развива селски туризам во подбеласичкиот регион

 

Водопадите на Беласица со години се достапни за посетителите. Со својата убавина и уреденост пленат но за жал никој не знае да жари од големиот број гости што постојано идат од земјава и странство. Тие  доаѓаат, уживаат во природните убавини и си заминуваат. Нема кој да им понуди сместување по селските куќи во подбеласичкиот регион кои зјаат празни  ниту пак  локални  специјалитети, сувенири или дополнителна атракција за посетителите.  Посетители секојдневно  се искачуваат до Колешинскиот, Смоларскиот и Габровскиот Водопад оддалечени на растојание од 5 километри. Најмногу ги има преку викендите и празниците, кога со автобуси организирано и индивидуално со коли доаѓаат на овие локалитети, кои се уредени со донации на меѓународни организации и општински средства на Ново Село и Струмица.

„Ваков водопад мислам дека нема на Балканот. Сум била на повеќе локации, но ваква природна убавина нема. Ова еден вид воздушно-рекреативна бања. Уредено и многу ми се допаѓа. Но за жал, ќе заминам без спомен бидејќи по пат не видов  каде можам да си купам сувенир. Слушнав дека овде се правеле најдобрите зелници, но нема кај да пробаме“, вели Марија Димитриевска од Скопје која со семејството се искачи на Колешинскиот Водопад

Пристапот до Колешинскиот Водопад е најлесен. Патот е асфалтиран на 500 метри од оваа природна реткост. Со природни материјали изградена е патека која има ограда. За гостите има мостови за гледање, летниковци и клупи за одмор. Поради својата специфичност и близината на три водопади еден до друг, тие се провокација за многу странци, пред сѐ од Бугарија кои преку викендите доаѓаат организирано.

„Доаѓаме од Смоларскиот Водопад. Навистина беше прекрасен, но овој овде е преубав поради неговата достапност. На Беласица од бугарска страна има водопади, но не се така уредени како вашите. Инаку овие водопади ги нудат туристички агенции во Бугарија и затоа доаѓаме со автобуси“, велат гости од Благоевград кои допатуваат со стотина средношколци од Петрич кои беа на екскурзија.

Во подбеласичкиот појас од Бања Банско па до границата со Бугарија има повеќе интересни локации за прошетка, неколку историски локалитети, природни реткости, но и богата флора и фауна. Општината но и граѓанскиот сектор со години се обидува преку разновидни проекти да го потикне селскиот и алтернативен туризам кај локалното население. Но за жал, ниту во Габрово, ниту во Колешино или Смоларе па и Мокрино може да се најде соба за престој и сместување на неколку дена, а камоли да се понуди храна или соодветна програма.

„Нема кој. Ние старите не сме за туризам. Ние сме само да ги одржуваме куќите оти младината одамна си замина. Има гости што прашуваат, но кај да ги упатам кога никој не издава соба. Еве гледате има празни куки колку сакате, но за жал нема кој да нуди. Ние сме познати по печалбарството. Имаше обиди, но досега никој не адаптираше соби за туристи“, вели Стево Трајков од Смоларе.

Дел од локалното население се носеше на едукација, обуки но и ги посетуваа селата Брајчино, Вевчани за да ја увидат ползата од уредување соби од своите домови за гости и посетители, како и од готвењето локална традиционална храна, изработка на сувенири, продажба на компоти и џемови зготвени на селски начин. Но никој посериозно не се зафати да инвестира во адаптација на своите домови за сместување на гостите.

„Потребна е континуирана едукација. Странците сакаат да уживаат во природни убавини, да се шетаат, рекреираат. Едноставно сакаат сместување во село и да го почуствуваат животот на село. Преку глава им е од хотели, сакаат нешто автенитчно. Подбеласичкиот регион има што да понуди. Тука се водопадите, повеќето локалитети, Моноспитовското Блато, Бања Банско. Значи, треба соодветна програма која ќе ја осмислат самите жители. Ние ги нудиме овие локации на заинтересираните, но гостите сакаат да отседнат, да знаат што ќе имаат на менито, што ќе видат“, вели Маријана Коцева  од туристичката  агенција „Лагуна травел“ од Струмица.

Во близина на водопадите има само неколку угостителски  капацитети, а најблискиот сместувачки е во Банско каде има хотели поради лековитата геотермална вода. Во најава се изградба и на други сместувачки капацитети, но низ селата кои се чисти и уредени и понатаму никој не го прави првиот чекор за сместување гости.

В. Трајков

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close