fbpx
ВестиТоп вести

И штрковите не се враќаат во Македонија

Пелагонија е котлина каде најмногу има штркови, но велат дека селото Боротино е магнетот за штркови. Боротино  е село во прилепско, во кое како и во секое населено место жителите се обидуваат да си го направат животот поубав. Она по што се издвојува од останатите села во овој регион е присуството на штркови.  И тие се обидуваат да си го направат престојот во овој крај поубав, претходно поминувајќи илјадници километри за да долетаат токму овде.

„Зелена берза“ сакаше да се увери во тоа и да ја сподели приказната со своите читатели.  Врне пролетен дожд. Улиците се празни. Само одвреме навреме поминува некој трактор или автомобил.  Она што го привлекува вниманието  се големите гнезда кои ги  има  скоро на секоја втора бандера и на покривите од куќите, а во нив исправени штркови  кои  му пркосат на дождот.

Наидовме на Боше, жител од ова село над чија куќа има две големи гнезда. Едното  е со долг стаж од скоро 90 години и уште е дом на нови генерации штркови.

-Од кога знам гнездото е овде. Постаро е и од татко ми кој има 88 години. До него имаше друго, уште постаро, но кога ја градевме куќата се измести, и оттогаш штрковите не го чувствуваа за сигурно и не го населуваа. Штрковите многу внимаваат кога ги градат своите гнезда. Не населуваат гнездо каде што не се сигурни, раскажува Боше.

Оваа пролет во Боротино се  населени  триесеттина  гнезда. Порано имало многу повеќе и штркови и гнезда. Од година во година бројката се намалува.

Во 2015 година имаше иницијатива од Македонско еколошко друштво за броење на  гнездата и популацијата во нив. Во акцијата во која биле вклучени голем број  волонтери, изброени се 817 гнезда со 3 661 штрк. Бројот на штркови е важен индикатор за квалитетот на животната средина во која живееме.

Овие птици се ширoко прифатени како симбол на зачувана природа и нивното присуство во наша близина гарантира дека живееме во здрава средина.

Штрковите во Македонија се сметаат за богатство и тие се чест симбол во многу легенди и преданија. „Силјан Штркот“ е приказната која се уште се раскажува. Метафората за  младата генерација која ја отфрла традицијата  и сака да избега од својата земја, некаде во туѓина – далеку од дома. Метафора, која за жал може да се види и во денешно време.

Божин вели дека Боротино има околу 220 жители кои живеат во 80 куќи. Жителите претежно се занимаваат со производство на тутун и житарици. За разлика од порано има само неколку фарми, а останал  уште еден булук овци. Има многу неженети ергени и се намалува бројот на младите. Исто како и штрковите, десеттина семејства доаѓаат во селото само преку лето, а во зимскиот период се враќаат во градот.

Се верува дека штрковите носат среќа. Од памтивек животинскиот инстинкт на овие птици ги носи во нашите краишта на пролет заедно со нивните потомци на истите бандери и покриви, каде свиваат свој дом, за во месец август на верскиот празник „Св Пантелејмон“ повторно да се вратат назад на африканскиот континент.

За разлика од овие кои секоја година ја прават истата маршрута и се враќаат во своите гнезда, младите кои ги напуштиле своите домови и заминале во странство тешко се враќаат назад.

 

Павлина Јовановска

 

Слични написи

Back to top button
Close