Јавното претпријатие „Македонски шуми“ во 2019 планира да потроши 532 милиони денари или безмалку 9 милиони евра во рамковни спогодби со економски оператори за сеча, дотур и превоз на дрво.
Во отворена постапка според планот за јавни набавки предвидени се 328 милиони денари за услуги – сеча со дотур и 205 милиони денари за услугата превоз со утовар и растовар на дрво.
Ова се убедливо најголемите ставки на претпријатието кое работи со околу 30-тина подружници и 2.200 вработени и во планот за јавни набавки планира да потроши вкупно 860 милиони денари. Двете најголеми услуги се убедливо „најскапи“ од предвидените за оваа година, а по нив следуваат тендерите за стоки, односно за набавка за делови и гуми за машините и возилата за кои треба да се потрошат околу 40 милиони денари.
За сечата со дотур на дрво веќе е објавен огласот на 9 април а понудите ќе се прибираат до почетокот на следниот месец, додека за превозот на 5 април се донесени одлуки за склучување на договори со десетици приватни оператори.
ЈП „Македонски шуми“ во 2017-та за овие услуги потрошила 285 милиони денари, додека во 2016-та за сеча, дотур и превоз трошокот бил 350 милиони денари.
Овие расходи имаат второ најголемо учество во трошоците на ова претпријатие по бруто-платите на вработените кои секоја година изнесуваат по околу 700 милиони денари.