Македонското вино станува се побарано на европските пазари. Македонските вина полека стануваат препознатлив бренд со добар квалитет во странство и за разлика од минатото кога најголем дел од извозот беше наливното вино, сега се повеќе приматот го зема флашираното вино кое има повисока вредност и носи поголеми приходи. За зголеменото производство на домашно вино јасно говорат и статистиките според кои винарниците само минатата година преработиле рекордно количество на грозје.
Производството на вино во Македонија од година во година расте, а во благ пораст во последниве години се и површините под лозови насади. Токму затоа се очекува годинава да ја одбележат зголемување на производството, промоција на нови црвени и бели вина и пробив на азиските пазари.
Македонските винарници најмногу вино во шишиња извезуваат во Германија и во Србија, додека од земјите надвор од Европа најмногу се извезува во Кина, Канада, САД и во Јапонија.
Флашираното вино од година во година го зголемува својот удел во вкупниот извоз на вино.
Согласно официјалните статистички податоци, околу 10 милиони литри флаширано вино останува на домашен пазар додека 30 милиони литри флаширано вино се извезува.
Кај наливното вино цела количина се извезува. Во 2015 вкупно се извезени приближно 59 милиони литри вино, од тоа најмногу во Србија, Германија и САД.
Во однос на претходната година, оваа ќе биде секако подобра но на приближно исто ниво на 2013 година. Не се очекува некој подобар квалитет наспроти количините. Како и да е, 2014 не треба да се зема како параметар за споредба, велат од Стопанската комора на Македонија.
Винарниците кои минатата година извезоа рекордно количество на вино на странските пазари имаат многу амбизиозни планови и за оваа година.
Од Винарската визба „Сковин“ потврдуваат дека со оглед на добрата реколта годинава очекуваат поголема побарувачка и продажба на домашното вино на странските пазари. Од оваа винарска визба велат дека токму поради поквалитетната берба, годинава очекуваат поголема продажба како на наливно, така и за флашираното вино. Веќе имаме нови пазари на кои полека, но сигурно настапуваме и од година на година се зголемуваат количините на флаширано вино кое го извезуваме.
Винаријата „Тиквеш“, произведува само флаширано вино од кое поголем дел односно половина од произведените 20 милиони литри се продаваат на домашниот пазар. Тиквеш извезува вино во 25 земји во светот, меѓу кои Бугарија, Германија, Полска, скандинавските земји, САД, Канада, Австралија и Кина. Најзначајна извозна земја е Србија, бидејќи шеесет проценти од извозот завршуваат таму.
Далвина е една од најмодерните нови винарии во Македонија и ја поседува најмодерната достапна опрема од самиот прием на грозјето, па се до ферментацијата. Винаријата прави вина од своите сопствени насади. Од белите вински сорти одлгедуваат рајнскиризлинг, совињон бланк, ‘ркацители, шардоне, жупјанка, а од црвените мускат-ролингер, каберне совињон, мерло и вранец. Речиси половина од вкупното производство на винаријата се извезува флаширано главно во Германија и во Канада.
Во винариите велат дека полека се менува и начинот на работа, виното во шишиња од заштитени сорти им станува приоритет. Задоволни се од поддршката од државата, особено во делот на флаширано вино каде следат субвенции за извоз, како и за учество на саемски манифестации.
Винариите каде е развиен концептот на фаворизирање на квалитетот пред квантитетот и континуираните и обемни инвестиции во технологија, иновации и знаење кои го извлекуваат најдоброто од грозјето во сите сегменти на производството. Тие успеаја да произведат квалитетни вина кои имаат потенцијал да освојат многу нови медали, признанија и највисоки оценки на реномирани светски вински натпревари и да го повторат и одржат успехот од минатите години, оценуваат од здружението „Вина од Македонија“.
Ова здружение, кое презема активностите за промоција и градење на брендот на македонското вино на интернационалните пазари, годинава го организираше учеството на македонските визби на најголемиот интернационален саем за вино „Провајн“ во германскиот град Дизелдорф.
На саемот беа присутни девет македонски винарии „Тиквеш“, „Сковин“, „Стоби“, „Далвина”, „Бовин“, „Камник“, „Езимит“, „Попов“ и „Сопот“. „Провајн” е водечки меѓународен саем за вино и алкохолни пијалаци во Европа и место на кое своите вина ги промовираат 50 вински земји во светот, а за неговата големина говори и фактот што секоја година низ штандовите на „Провајн” минуваат 50.000 професионални посетители од целиот свет.