fbpx
ВестиТоп вести

Македонските фармери не може да го развиваат својот бизнис без земјиште

Модерна фарма, опремена со се’  она што предвидуваат модерните стандарди, со затворен систем за молзење, модерен систем за изѓубрување, вентилација, доволен простор за секое грло и се’ она што е потребно за функционирање  и   добивање  квалитетно млеко, ова  е сон на секој фармер. Може ли фармер што започнал да се занимава со одгледување на крави  да го оствари овој сон? Не е лесно но возможно е. Фармерството  се смета за тежок бизнис, може да се заработи , но потребно е  многу вложување и во човечки и материјални ресурси.

Горан Богевски од с. Св. Митрани крушевско е млад земјоделец  кој има сон да има голема и модерна фарма. Иако е свесен дека соништата не се остваруваат лесно, упорен е и напорно работи заедно со своето семејство.

-Моето семејство отсекогаш се занимавало со земјоделство, но јас со одгледување на крави се занимавам интензивно во  последните 6 години. Почнав со три крави за сега да имам 50. Дневно добивам по 500л млеко кое ми го откупува Би милк, вели Горан сопственик на фармата „Богески компани“.

 

 

Горан не застанува овде. Сака својата фарма да ја зголемува и да купи уште 30 крави. Има одлична соработка со Би милк и со нејзина помош се надева дека  ќе го зголеми и усоврши своето производство. Задоволен е од досегашната соработка со оваа млекарница која му го откупува млекото по 18 ден. Она на што реагира Горан се субвенциите кои многу доцнат и селективно се исплаќаат.

-Сметам дека се спроведува иста политика. На малите земјоделци побрзо им исплаќаат, а на поголемите се доцни со исплатата на субвенциите. За 2018 имаме земено за предадено млеко, додека за 2017 само дел. Исто така сметам дека субвенциите по 2 700 ден по грло е многу малку, додава тој.

Дел од потребната храна ја купува , а дел сам ја произведува. За таа намена обработува 50 ха земјоделско земјиште од кои 10 се во негова сопственост, а останатите ги има земено под кирија од приватни сопственици. Со оглед на тоа што сака да ја проширува својата фарма има потреба од дополнително земјиште. Ќе мора некако да се снаоѓа бидејќи според правилата што ги наметнува ЕУ, за да може еден фармер да биде успешен потребно е да располага по 7 декари земја по грло. Не располага со државно земјиште. Како што вели не успеал да земи и дека, она  што било, му било доделено на луѓе што немаат врска со земјоделие.

 

Се обидува колку што може да ги применува сите оние практики кои се потребни за да добие квалитетно млеко. Аплицирал на повикот за млад земјоделец за да може да набави нов систем за молзење и ТМР  мешалка, но резултатите уште ги нема. Ова му го  комплицира реализирањето на неговиот сон за модерна фарма.

 

Покрај кравите одгледува и прасиња кои ги продава додека се мали, бидејќи за големи не се исплаќало. Вели дека е многу тешко за пласман и затоа повеќе се насочува кон кравите. Покрај житни култури, на неговото земјиште може да се најдат и градинарски култури и тутун, за кој вели дека е најисплатлив. Горан посочува уште  еден проблем со кој се соочува. Дополнителна работна рака која тешко се наоѓа особено во летната сезона.

Најголемиот дел од обврските ги извршуваат Горан, сопругата  Елена и неговата мајка. Најголемото од четирите деца во семејството сака да се помеша во работата, за разлика од останатите кои се уште мали. Ја  обожава механизацијата и воопшто не му е проблем да вози  трактор.

Сите имаат свои задолженија и успеваат да сработат се’ што е потребно.

Сопругата Елена вели дека децата им се најголемото богатство и токму заради нив заборава на целата тежина околу извршувањето на обврските како на фармата и  во бавчата,  така и во домот. Вели дека со добра организација може да се стигне се’ да се заврши. Има многу работа , но се стигнува и да излезат, да прошетаат и да се забавуваат сите заедно. Елена е поборник на народната поговорка  „Џабе работи, џабе не седи“ и ги охрабрува сите оние што немаат работа да почнат да работат, затоа што кога – тогаш  она што  ќе се вложи се исплати и успехот излегува сам на површина.

Павлина Јовановска

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close