Од следната година во Франција ќе стапи во сила забраната за употреба на супстанцата титаниум диоксид во прехранбените производи, пренесува Ројтерс. Станува збор за адитивот Е 171, што се користи во различни намирници вклучувајќи ги и чоколадото и гумите за џвакање. Деталната контрола на адитивот започна во 2017 година, откако беше објавена студија за ефектите на титаниум диоксидот врз здравјето на животните. Истражувањата, спроведени од францускиот национален институт за агрикултура, покажале дека супстанцата минува преку ѕидот на цревата и доаѓа до другите делови на телото. Од агенцијата за здравје и безбедност е соопштено дека засега нема доволно докази кои би потврдиле дека адитивот Е 171 е безбеден за користење во исхраната на луѓето. Француската влада објави дека за одлуката ќе биде известена и Европската комисија и останатите членки на ЕУ.