Платежната агенција има пријавено 710.000 овци, а од Асоцијацијата на земјоделци велат дека во Македонија има околу 450.000 овци. Затоа бараат да се изврши повторно броење на овците и да се утврди точниот број за да нема злоупотреба на субвенциите
Во земјава никој не знае колку овци имаме. Според податоците на Асоцијацијата на земјоделци на пасиштата има околу 450.000 овци, а официјално субвенции се земаат за над 700.000 овци. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираа дека по завршувањето на откупот на јагнето и по вториот круг на претстојните претседателски избори ќе се излезе на терен и ќе се утврди точниот број на овци за да се преземат соодветни мерки.
Овчарите и Министерството за земјоделство долго време не можеа да се договорат ниту за бројот, ниту за цената на јагнешкото. По предлогот на МЗШВ секое здружение треба да испрати пополнет прашалник за сите трошоци што ја формираат производната цена, истата ќе се спореди со анализите на Министерството со цел да се дојде до реална производна цена за да може да се подготви соодветно решение за одгледувачите на овци.
Овчарите велат дека не се посветува доволно внимание на оваа стопанска гранка и покрај тоа што девизниот прилив од извоз на јагне во државата изнесува 15 милиони евра. За разлика од нас, Србија од 100.000 овци некогаш, сега има четири милиони, но дава 65 евра субвенција, а не 15 евра како кај нас.
Според претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Никола Ѓорѓиев, овчарството во последно време е се понеатрактивна дејност и затоа луѓето не сакаат да ја работат оваа работа, поради што состојбата во овчарството е катастрофална.
И Ефтим Шаклев од Асоцијацијата на земјоделци смета дека мора да се преброи точниот број на овци за да нема злоупотреба на субвенциите.
извор: вечер.прес