fbpx
ВестиТоп вести

Борче Петковски, АПРЗ:Добар сточар не може да се стане преку ноќ, но од сточар лош тутунар може

 

За достапните програми за финансиска подршка на земјоделството,за активностите на теренот од релевантните институции и за активностите на АПРЗ кои ќе следат во директна соработка со фармерите како наши партнери.

 

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството е институција која во континуитет креира и испорачува советодавни услуги за потребите на земјоделските стопанства во функција на практична примена на најсовремените научни и технички сознанија насочени според потребите на пазарот. Во изминатиот период се изгради еден вистински партнерски однос помеѓу Агенцијата и фармерите, рече Борче Петковски, заменик  директор во АПРЗ на  настанот  организиран од Здружението за едукација на земјоделци „Зелена берза “ Битола и ЛАГ Агро Лидер Прилеп  на тема „Земјоделство и рурален развој – искуства и практики“ проект што се реализираше  со помош на BACID  програмата на ЕУ.

-Покрај основната дејност „советодавните услуги”, Агенцијата излегува во пресрет на земјоделците и при апликација за користење на финансиска поддршка по двете национални програми:

1.Програма за финансиска поддршка на руралниот развој и

2.Програма за финансиска поддршка во земјоделството

Како и при апликација за Програмата за користење на средства од ЕУ инструментот за предпристапна помош за земјоделство и рурален развој за 2014-2020 година ИПАРД-II, рече Петковски.

Од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година на располагање се 2 162 383 000 денари(35 милиони евра),а од тоа за Инвестиции за модернизација на земјоделските стопанства 225 207 000 денари.

Оваа година за набавка на високо стелни педигрирани јуници,педигрирани машки и женски грла овци и кози од увоз или од признати организации на одгледувачи согласно Законот за сточарство, предвидени се 91 000 000 денари.

-Ме радува фактот што за прв пат однапред се склучува договор,а потоа се врши набавката што им дава гаранција на фармерите дека сигурно ќе ги добијат средствата за инвестицијата која ќе ја направат, рече Петковски.

За оваа мерка имаат аплицирано 70 апликанти за набавка на 1004 високостелни  јуници и 1295 овци.

Од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година на располагање се 6 138 767 000 денари(100 милиони евра) од кои за директни плаќања во сточарско производство 1 000 000 000 денари(над 16 милиони евра).

Покрај националните програми на земјоделците на располагање им е и Програма за користење на средства од ЕУ инструментот за претпристапна помош за земјоделство и рурален развој за 2014-2020 година-ИПАРД II.

На располагање од оваа програма се вкупно 49 111 111 евра  и тоа за пет мерки:

1.Инвестиции во материјални средства на земјоделски стопанства,

2.Инвестиции во материјални средства за преработка и маркетинг на земјоделските и рибните производи,

3.Инвестиции во рурална јавна инфраструктура,

4.Диверзификација на фармите и развој на бизниси и

5.Техничка помош.

-Она што јас го гледам на теренот е дека сточарите имаат сериозни потешкотии да дојдат до средства од ИПАРД програмите.Според мене ИПАРД програмата е да станеме европски фармери,а не претходно да исполнуваме европски стандарди за да дојдеме до ИПАРД средства. Но верувам дека наскоро ќе се отворат нови можности за полесен пристап до овие фондови, рече на презентацијата Петковски, што се одржа во просториите на „Синпекс“ Битола.

После толку години директни плаќања на фармерите кои започнаа уште во 2005 година,после толку силни развојни програми, сепак имаме намалување на бројот на говеда, овци и кози и намалување на бројот на фарми, констатираше Петковски.

Инвестициите во самите фарми за подобрување на благосостојбата на животните, инвестиции за вградување на системи за молзење или други зоотехнички мерки речиси и да нема.

-Имаме благо зголемување на бројот на свињи и пчелни семејства.Толку многу средства ,а очекуваните резултати не се постигнати, рече тој.

Битката во современото земјоделско производство ќе ја добие оној кој ќе произведе повеќе, поквалитетно и поефтино, а  тоа може само со знаење и со примена на најсовремените сознанија и техники од земјоделската и ветеринарната наука каде што место за „шнел“ курс образованите нема.

-Јас сум доктор по ветеринарна медицина и целиот мој професионален ангажман го поминав во контрола на производството и безбедност на храната од животинско потекло и со полно право можам да кажам дека во последните петнаесет години ваквиот начин на финансиска поддршка во земјоделството многу сточари ги направи тутунари. Добар сточар не може да се стане преку ноќ, но лош тутунар може, рече Петковски.

АХВ во текот на 2017 год. отпочна со Регистрација и категотизација на одгледувалишта на молзни грла според ризик со унапредување на квалитетот на сурово млеко.

Одредени стандарди за ЕУ квалитет на млекото мора да се постигнат без одлагање, кое досега е правено во повеќе наврати.

Исто така отпочната е и категоризација на свињарските фарми од аспект на спроведување на биосигурносни мерки на фармите за да се овозможи извоз на свежо свинско месо.

По завршување на овој процес АПРЗ ќе има главна улога во едукацијата на фармерите како да се подобри квалитетот на млекото во однос на вкупниот број на бактерии и соматски клетки,но и како малите фармери да произведуваат производи во мали количини со што ќе се зголеми нивната ефикасност во создавањето на вишок вредности на нивните замјоделски стопанства.

-Пред АПРЗ без оглед на сите кадровски и финансиски потешкотии претстои еден вистински предизвик. Да видиме од теренот каде сме денес, а каде сакаме да стигнеме, се обрати Петковски.

Согласно,Правилникот за посебните барања за безбедност и хигиена и начинот и постапката на вршење на службени контроли на млекото и млечните производи, Службен весник на РМ 26/12, 154/14, 59/14, 197/16 и 16/2019),суровото млеко треба да ги исполнува критериумите во поглед на вкупен број на бактерии и соматски клетки како што е дадено во табелата по години.Од 01.01.2020 год. ќе важат европските вредности за сурово млеко во однос на вкупниот број на бактерии и соматски клетки.

Од досега извршената  регистрација и категоризација на одгледувалишта на молзни грла според ризик со унапредување на квалитетот на суровото млеко само 2,82% фарми се прва категорија и ги исполнуваат европските стандарди за сурово млеко.Состојбата е алармантна, но не и нерешлива.Најголемиот број на фарми се во втора категорија 68,97%.

-Сите чинители  вклучени во сточарското производство, мора да изградат вистински партнерски односи, посебно во процесот на производство на сурово млеко и ваквата состојба може да се надмине во одреден временски период, посочи Петровски.

Акцијата е финансирана од Австриската агенција за развој (АДА) преку шемата за грантови BACID (Градење на административни капацитети во регионот на Дунав и Западен Балкан), под раководство на Австриската асоцијација на градови и градови (AACT) и Центарот за истражување на јавната администрација на KDZ.

Оваа публикација / документ е изработена со помош на Австриската агенција за развој (ADA). Содржината на овој документ е единствената одговорност на авторот / и и не може во никој случај да се преземе за да ги одразува ставовите на АДА или на австриската влада.

 

Анета Блажевска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close