Министерството за земјоделство објави дека течат триесетте дена од најавата за објавување на новиот втор повик за Ипард 2 програмата за годинава. Сите кои се заинтересирани да аплицираат за новиот повик каде на располагање се од 8 до 10 милиони евра ќе имаат време да ги соберат сите потребни документи кои се наведени во упатството за по еден месец кога ќе се објави повикот да можат со комплетна документација да аплицираат. Новиот повик се однесува на мерката 7 – Диверзификација на фарми и развој на мали бизниси, на кој ќе може да аплицираат претпријатија, занаетчии, фармери или оние кои сакаат да отворат сопствен бизнис како прехранбени објекти, објекти за рурален туризам со или без угостителски објект,за модернизација на погони за преработка, фарми за зајаци и дивеч. Средства ќе може да се вложат во отворање или модернизација на капацитети за производство на сокови, вино, пиво, алкохолни пијалоци производство на кондиторски производи, отворање на работилници за механизација, ветеринарни служби, рурални музеи за одгледување птици за јајца и месо, за печуркари, расадници за цвеќе и за производство на садници и саден материјал.
– Преку новиот повик од ИПАРД 2 го развиваме најмоќниот дел на економијата, малите и средни претпријатија. Заинтересираните ќе можат да аплицираат за модернизација на постоечките или отворање на нови погони за производство на тестенини, колачи, фарми за одгледување на зајаци, дивеч, насади за дрва и дрвена маса, аквакултурни фарми за слатководна риба, отворање на кино, радиодифузно претпријатие во рурални средини, како што се радио или локална телевизија, сместувачки капацитети како и отворање на ресторани кои нудат угостителски услуги. Согласно програмата 65% од прифатливите трошоци за реализираната инвестиција ќе им бидат вратени на апликантите преку средствата од ИПАРД 2 Програмата. Расположливите средства за овој повик се очекува да бидат помеѓу 8 и 10 милиони евра, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Преку оваа мерка на располагање се средства кои треба да обезбедат раст и развој на на мали и микро предпријатија потенцираше првиот човек на платежната агенција Бабовски.
-На последниот повик за оваа мерка 7 склучивме 23 договори во вкупна вредност од 4,3 милиони евра. Дека сме на добар пат покажуваат и резултатите од последните повици. На првиот повик од Ипард 2 склучивме 947 договори со кои побаруваа 22 милиони евра. Од тие барања 868 субјекти веќе ја завршиле инвестицијата и побарале исплата на средствата. На 230 апликанти веќе им се исплатени 3 милиони евра за инвестициите кои ги реализирале. До крајот на годинава се очекува да се исплатат уште 8,7 милиони евра рече Николче Бабовски директор на платежната агенција.
Нови 20 вработени кои ќе работат строго на Ипард треба да се реализираат наскоро кои заедно со претходно вработените 28 ќе ја докомплетираат екипираноста на платежната агенција за да се избегне ризикот од исплата кој што беше нотиран во последниот извештај на европската комисија за земјава. Но покрај кадровско комплетирање се кројат планови и за сместувачки капацитети за кои постои реална потреба но се уште не е одлучено дали ќе оди агенцијата во нов објект или ќе се смести во уште некој дополнителен.