fbpx
ВестиТоп вести

Денес се слави Рамазан

 

По четиринеделниот пост верниците од муслиманска вероисповест денес  го слават празникот Рамазан. Секој ден во текот на месецот Рамазан, Муслиманите низ светот се воздржуваат од храна и пијалоци од изгреј Сонце па се додека зајди.

Рамазан е еден од петте столба на исламот. Останатите се верата, молитвите, поклонението и давањето милостина. Тоа е месец на добрина, милост, љубов и простување. Верувањата се дека кога ќе дојде празникот, портите на џенетот (рајот) се отвараат, портите на џехенем (пеколот) се затвораат. Муслиманите сметаат дека Рамазан на секој дом му носи полни раце дарови – милост, бериќет и проштевање.

Самото славење на одбележување на празникот има свои карактеристики кои од место до место се разликуваат , но суштината им е иста.

Бајрамското утро на празникот започнува со честитање на членовите во фамилијата. Продолжува со фамилијарен ручек и се оди на гости. Децата им бакнуваат рака на постарите и за тоа добиваат пари. Она што го прави посебен овој празник  е обврската  на секој верник  да даде паричен надомест на некое социјално семејство.  Славењето на празникот  подразбира и подготвување на свечена  трпеза карактеристична за овој празник. Од традиционалните  производи најзастапена е суканата баклава, која е гордост на секоја домаќинка.

Лулјета Ислам од Битола на Зелена берза и го откри рецептот за сукана баклава што  со години  се пренесува од генерација на генерација  и е препознатлив елемент на празникот.

1,5 кг брашно  заедно со  4 цели јајца и 6 жолчки, чаша и пол масло ( околу 300 мл) и едно пециво се замесува со вода. Тестото се дели на 85 пупалиња. Секое  малку се расукува  и  се посипува со нишесте . Така расукани се ставаат по пет кори едно над друго.

 

 

Потоа секое посебно се сучи во голема кора, при што , воопшто не се додава брашно туку нишесте. Кога кората ќе биде доволно расукана се става во тепсија. Постапката се повторува додека се потрошат сите кори. Измеѓу корите се ставаат кршени ореви или ф’стаци.

Пред да се стави во рерна да се пече, баклавата се сечи и се попрскува со масло, по што се печи на умерен оган, во претходно добро заеграна рерна, околу еден час. .  Откако баклавата ќе биде испечена се потура со шербет. Шербетот се подготвува од 2,5 кг шеќер со 2л вода кои се варат околу половина час. Баклавата треба да биде ладна , а шербетот млак. Зелена берза им го честита празникот на сите оние кои го слават – Бајрам Шериф Мубарек Олсун.

П. Јовановска

 

 

 

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close