Чајот, оцетот и кафето ќе се продаваат без обележана калориска вредност
Од средината на следниот месец стапува во сила правилникот за задолжително обележување на храната каде што покрај составот на декларациите на амбалажата, треба да стои и колку калории содржат. Исклучок од правилникот за обележување има на педесетина продукти кои секојдневно се користат во исхрана.
Чајот, минералната вода, кафето, билките или зачините, солта, трпезни засладувачи, како и квасец и гуми за џвакање се само дел од производите на кои нема да може да прочитаме што содржат и кои нутритивни вредности ги имаат. Од средината на следниот месец стапува во сила правилникот за задолжително обележување на храната каде што, покрај составот на декларациите на амбалажата, треба да стои и колку калории содржат. Исклучок од правилникот за обележување има на педесетина продукти кои секојдневно се користат во исхрана. На нив производителите нема да бидат обврзани и по мај годинава да го обележуваат составот и тоа да го стават на декларациите. Примената на новиот начин на обележување со задолжителни информации на пакувањето веќе два пати се одложи од надлежните со образложение дека на фирмите им се остава период на приспособување. По 13 мај годинава сите ќе мора да ги сменат амбалажите и да ги приспособат на новиот начин на обележување.
Според правилникот на пакувањето, на секој производ треба да стои името на производот, составот или состојките дадени по опаѓачки редослед, количеството одредени состојки карактеристични за видот на храната или категоријата на храната, нето-количината на храната, рокот на трајност или датумот за „употребливо до“. Посебно внимание мора да се посвети на посебни услови за чување и услови за употреба, име и адреса на операторот со храна, a исто така и земјата на потекло.
На декларацијата мора да има упатство за употреба, а кај пијалаците што содржат повеќе од 1,2 процент алкохол на волумен се означуваат реалната јачина на алкохолот и хранливата вредност на храната. Дел од означувањето се и дополнителните задолжителни информации за посебни видови храна.
Ферментиран оцет, ароми, адитиви во храната, помошни технолошки средства за преработка, ензими во храна, желатин и квасец се само дел од производите што не мора да имаат задолжителни информации за храната.
Тие не мора на пакувањето да имаат и нето-количество, име и адреса на операторот со храна и посебни услови за чување. Исто така, на стаклени шишиња наменети за повторна употреба потребно е да се означи само име, алергиска реакција, нето-количина, рок на употреба и означување на нутритивните својства стои во правилникот.
Нутритивните својства на храната, потеклото на месото на секоја порција, на која температура се чува, алергените и другите додатоци во храната од јуни треба да ги има обележано во сите ресторани и продавници за бели печива. Дали тоа ќе биде на посебни табли, на секоја маса или на менито изборот се остава на сопственикот. Така, од мај, ако јадете во ресторан и сакате да знаете од каде ви е месото во нарачаната плескавица, сопственикот на ресторанот или лицето што ве служи должно е да ве извести, па дури ако инсистирате да ви покаже документ и декларација. Келнерот треба точно да знае од каде е увезено или заклано животното и на која температура се чува. Информативни табли мора да има и во слаткарници кои продаваат спакувана храна, продавници за деликатеси, сендвич-барови со места за храна за носење, детски градинки, старски домови и добротворни институции, каде што храната е бесплатна. И овде треба задолжително да се наведат информации за супстанции кои предизвикуваат алергиски реакции, име на храната, список на состојки, рок на употреба, посебни услови за складирање и упатство за употреба.
Согласно со новата законска регулатива, дефинирани се и казни за непочитување на одредбите, 3.000 евра за правни лица, 1.000 евра за одговорно лице и 500 евра за физичко лице.