„Ем слатко-ем луто“
Осоговски регион
За да бидете производител на органски продукти не ви се потребни ни сопствено лозје, ниту ниви, туку сите производи ги има во изобилие во природата, по ливадите и по планините.
Специјалитет, деликатес или ако сакате домашен експеримент е слаткото со лут вкус кое што го произведува Страшко Милошевски производител од Пробиштип. Овој невообичаен производ е направен од домашна црвена пиперка, ајварка и во исто време е слатко и луто поради додатокот од везени лути пиперки. Слаткото или лутото, ако сакате повеќе, е своевиден гурмански специјалитет со впечатлива темо црвена боја, како да е слатко од черешни или вишни, со висок сјај од шербетот. Во првиот момент кога ќе го вкусите потсетува на слатко од овошје, а веднаш после тоа ве обзема лутото и вкусот на пиперката. А во него има и одредени зачини кои уште повеќе го прават необичен специјалитетот на Милошевски. Се мешаат вкусовите на ѓумбир, цимет, ванила, рум, јаболкова киселина, како и зачин – алтанче или како што уште го нарекуваат ова растение, слаткарче или атарче.
-Овој производ и квалитетот го постигнав после неколкумесечно експериментирање и испитување. Направив одличен производ ем луто, ем благо. Рецептот не можам да ви го откријам докрај зошто содржи многу елементи и се темели на моето искуство. Не верувам дека некој ќе успее да го направи како што јас го правам. Луѓето го пробуваат и го бараат овој производ и од септември ќе почнам да правам нови количини, вели осоговскиот производител кој себе си се смета за заштитник на традиционалниот начин на производство на храна и пијалоци.
Милошевски е еден од ретките производители кој нема сопствено земјоделско производство, а сепак произведува органски производи. Со самодоверба настапува и вели дека за да бидете производител на органски продукти не ви се потребни ни сопствено лозје, ниту ниви, туку сите производи ги има во изобилие во природата, по ливадите и по планините. Па, така прави интересен спој, собира билки, плодови што ги претвора во органски производ, а воедно ужива во природата, планината и во чистиот воздух. Во истовреме ја почитува и старата традиција наследена од неговите родители и прави вино и ракија кои ги облагородува со одредени билки.
-Од Осоговскиот крај има многу луѓе кои се занимаваат со производство на продукти во домашни услови. Јас продавам јаболков оцет од кисели јаболка, балсамико оцет од модра слива. Произведувам специјална ракија со коприва и специјалитет кој го нема кај нас на домашниот пазар, тоа е „ем луто, ем слатко“. Од винските региони купувам грозје и правам домашна ракија, домашно вино, дивите јаболка ги собирам по планините. Природата има се’, само треба да се наберe и да се произведе, вели Милошевски, инаку актер по професија, па производството на здрава органска храна за него не е единствената егзистенција, туку повеќе како хоби, со неговата улога како претседател на Слоуфуд –Осогово од Пробиштип.
А. Блажевска