Претставници од Фондацијата Бибевски од Америка, денес во Општина Битола имаа средба со Градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска. На средбата се разговараше за реализација на заеднички модел од страна на општината и фондацијата, со кој ќе може да се обезбеди подобра грижа за бездомните животни, а истовремено да се обезбеди и бесплатна обука за ветеринари од Битола. Идната соработка на овој план, планирано е да се реализира во соработка со средното земјоделско училиште „Кузман Шапкарев“, каде би се користел простор за идните активности, информираат од општина Битола.
Фондацијата Бибевски е добротворна организација основана од македонци кои живеат во Америка. Основна цел на фондацијата е да го подобри животот на животните во нашата држава. Во моментот фондацијата има зацртано 2 проекти: стерилизација на сите кучиња во Преспанско – Пелагонискиот регион и отварање на ветеринарна амбуланта во склоп на Ветеринарното училиште во Битола, која ќе пружи бесплатно лекување и грижа за животните во Преспанско- Пелагонискиот регион и ќе работи 24 часа на ден, со цел превенција и помош во итни случаи, исто така таму ќе се стерилизираат и кастрираат уличните кучиња бесплатно.