fbpx
ВестиВкусот на традицијатаРурален туризамТоп вести

Три генерации во бизнисот кој носи уживање за многу гурмани ширум светот


Карлиќ- Тартуфи –успешна бизнис  приказна од Истра

Истра, покрај доброто вино и најдоброто маслиново масло, крие уште еден адут во гастрономијата, а тоа се тартуфите. Подземни печурки кои растат во симбиоза со коренот на дабот и лешникот. Постигнуваат цена од 1500 до 2000 евра за килограм, а во сезони кога заради временските услови ги има се помалку, цената е уште повисока.

Карлиќ- Тартуфи е мала компанија чиј имот се наоѓа во срцето на Истра, во малото место Паладина, Хрватска.  Ова место брои 44 жители и дури 100 кучиња, дресирани трагачи  по тартуфи. На почетокот на јуни „Зелена берза“ ја посети оваа компанија, чија бизнис приказна е исклучително впечатлива. Првите чекори на претприемништвото во семејството Карлиќ ги започнува Иван Рашполиќ во 1966 година, во минатиот век.

Денес неговата ќерка Радмила Карлиќ со своите деца ја продолжуваат традицијата, но и ја развиваат компанијата  во вносен бизнис препознатлив во Хрватска, но и во светот.


–       На местото на вештачкото езеро Бутонига имаше шума во која мојот татко започна со лов на тартуфи. Тоа беше најплодното тло за тартуфи  но пред 30 години тука е направено езерото кое ја снабдува приморска Истра со питка, чиста вода – ни објасни Радмила

Истра, покрај доброто вино и најдоброто маслиново масло, крие уште еден адут во гастрономијата , а тоа се тартуфите. Тартуфите се подземни печурки кои растат во симбиоза со коренот на дабот и лешникот,  но и на други дрва. За нивното постоење и размножување на одредено место голема улога игра климата, влажноста на воздухот и надморската височина на шумата. Ги има бели и црни. Истите се сметаат за врвна гастрономска храна. Ги има многу ретко, односно на неколку места низ светот, затоа нивната цена е екстремно висока.

Точно ова подрачје е едно од трите во светот каде што може да се најдат белите тартуфи. Тие сезонски се појавуваат од септември до декември. Истите постигнуваат цена од 1500 до 2000 евра за килограм, а во сезони кога заради временските услови ги има се помалку, цената е уште повисока.

–       Во 2017 во Италија немаше воопшто бели тартуфи, а на Истра имавме нешто малку. Тогаш цел свет бараше од овде да купува ваква печурка. Ние тогаш плаќавме по 3000 еур откупна цена на ловците.- ни објасни Радмила

Всушност, цената зависи и од големината на парчето, на пр. парчињата од 20-100 грама се најевтини, над 100-500 грама постигнуваат цена и до 500 евра, се наоѓаа и екстра големи парчиња, над 500 грама кои постигнуваат и екстра висока цена.Оваа подземна печурка често може да ја најдете и во длабочина до 1 метар под земјата. Единствен начин да се најдат е со помош на кучиња, дресирани, кои кога ќе го почувствуваат мирисот почнуваат да копаат на местото или легнуваат таму. Должност на секој ловец е да внимава кучето да не ја оштети печурката, затоа што тие се излудени со вкусот на тартуфите и ако ја ископаат сигурно и ќе ја изедат или барем оштетат ако ловецот не внимава.


Црните тартуфи ги има преку цела година и од истите има неколку врсти. Во Истра имавме можност да видиме и вкусиме  три врсти од овие печурки. Се разликуваат малку по вкусот ,но најочигледна е разликата во бојата на внатрешноста на самата печурка. Зимскиот црн тартуф е внатре црн и постигнува цена и до 900 евра за килограм. Летниот , пак, е бел во внатрешниот дел, а  неговата цена е до 300 евра за килограм. Кога е зрела оваа печурка испушта специфичен мирис кој кучето може да го насети и на 20 метри  оддалеченост. Најчесто, црните тартуфи се поставени во погорниот слој на земјата, плитко од 2 до 20 сантиметри.

Карлиќ- Тартуфи е една од десетте компании на Истра кои се занимават со овој бизнис. Тие покрај тоа што со своите 12 кучиња собираат  тартуфи исто така и откупуваат и од локалните ловци кои ги има околу 200 на број.

–       Ние имаме кучиња од расата Lagoto Romanjolo, бели кучиња со најдобар нос за таруфи. Истите се по цена од 3000-4000 еур. дресирани – ни одговори на прашање Радмила

 

Потоа, овие печурки свежи ги дистрибуираат во многу земји, се до Австралија. Авионски, преку ДХЛ, секојдневно ги испраќаат пакетите со свежи тартуфи до безброј ресторани низ светот. Исто, во својата понуда имаат и други производи кои имавме можност да ги дегустираме и да признаеме, беа премногу вкусни. Тоа се разни намази од црн и бел тартуф, разни кашкавали и сирења со тартуфи, масло со тартуфи и како најспецифично, ракија со тартуфи.


Исто, во склоп на нивната компанија функционира и ресторан каде можете да нарачате разни специјалитети со тартуфи, како на пример „Фритаја“. Истата се прави со путер, рендани свежи тартуфи и јајца. „Фритајата“ е омлет со путер и тартуфи, делува едноставно, но вкусот и мирисот на тартуфите го прават посебен овој специјалитет.


Најинтересниот дел од посетата е ловот на тартуфи. Нашата група со две кучиња се упати  кон блискиот насад со лешници. И  се’ што претходно ни раскажуваше домаќинката и сопственик Радмила  се случи пред нашите очи. Кучињата намирисаа нешто и почнаа да копаат, а откако ловецот ги тргна го откопа првиот тартуф. Го засече  малку и заклучи дека е со добар квалитет. И, во наредните 30-тина минути пронајдовме уште 4-5 тартуфи.


Идејата со вас да ја споделиме оваа интересна сторија е  да Ве натераме  да размислите дали и Вие сте во можност на туристите да им ја „продадете“ Вашата приказна на овој начин, или едноставно  Вашето хоби – берење чај, печурки или други производи на природата и нашето поднебје да го претворите во доходовен бизнис.

 

Oд Истра за „Зелена берза“ Христина Фуна

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close