Додека овоштарите во Росоман ги сечат праските, а преспанските јаболкари уште не знаат како да се спарават со останатите количини на јаболко, па ги фрлаат во вода, лозарите од тиквешијата се плашат да не ги снајде и нив слична судбина.
Лозарите велат дека можно е повторно да се јави проблем со откупот на винските сорти грозје. До оваа констатација доаѓаат од сознанијата за наводно големи залихи на вино во винарските визби. Ако е тоа така ќе се откупуваат значително помали количини на грозје.
За сега лозјата се во добра кондиција и доколку заради променливото време не се јават болести на виновата лоза, се очекува добар род, вели Зоран Пешков, лозар од Ресава.
Од оваа реколта се очекува род над еден милион и двесте илјади килограми грозје. Винарските визби слабо склучуваат договори со производителите што ги тера да се сомневаат дека можни се проблеми. За да не дојде до тоа и да се избегнат и најмали сомнежи лозарите сметаат дека државата треба со време да реагира. Лозарите предлагаат вишокот на грозје да се чува во дестилатори, каде ќе може да стои подолг период , со што ќе има цена грозјето и нема да изгуби на квалитетот.
Исто така тие сметаат дека треба да има извоз на грозје со минимална царина, со што бенефит би имале и помалите производители на грозје, а не само големите винарски визби.
Лозарите укажуваат и на еден старо – нов проблем во врска со наводнувањето во тиквешијата. Укажуваат на дефектите предизвикани со градбата на новиот пат Градско Прилеп, каде е пресечена каналската мрежа и не може д се наводнуваат земјоделските површини. Производителите реагираат дека им доаѓаат фактури за потрошена вода, а вода не искористиле. За ова било разговарано со министерот за земјоделство Љупчо Николовски, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и директорот на водостопанство Ристо Манов. Било договорено добиените фактури за потрошена вода која фактички не е потрошена, да се однесат во ПЕ на МЗШВ во Кавадарци за да бидат поништени.
Лозарите се надеваат дека нема да ги снајде истата трагедија како онаа на другите овоштари.
П.Ј.