fbpx
ВестиТоп вести

ПОСЛЕДНОТО СТАДО БИВОЛИ ВО СЕЛОТО ДЕБРЕШТЕ

 

 

Биволот претставува врста на говедо кое што води потекло од Азија. Постојат речни и блатни биволи. Речните биволи се со црна боја на кожата, а додека блатните се со сиви нијанси. Постојат и повеќе други морфолошки разлики помеѓу овие два видови. Автохтоните биволи во Македонија кои што водат потекло од речните биволи на нашата територија се застапени од дамнешни времиња. Според некои преданија и претпоставки тие од Пакистан и Индија ги донеле војските на Александар Македонски по нивниот повраток од освојувањата на тие територии. Другата претпоставка која што е и многу поверојатна е дека тие ги донеле Османлиите кога настапувале на овие простори.

Порано биле присутни скоро во сите рурални подрачја на повеќе општини. Нивниот број во педесеттите години на минатиот век изнесувал помеѓу 35000-40000 примероци за денес нивниот број да се сведе на само околу педесетина примероци во целата држава со што претставуваат високо загрозена врста на која им се заканува  целосно изумирање. Така на пример во Битолско најповеќе ги имало во селото Кременица додека денес не е останато ниту едно грло. Во прилепско исто така ги имало во голем број во повеќе села како на пример во селото Дебреште каде што во минатото ги одгледувале дваесетина семејства, додека денес е останато едно стадо од десетина примероци кои се во сопственост на една фамилија.

Со формирањето на водостопанските претпријатија се изврши одводнување на многу природни водени и блатни површини кои сега повеќе не постојат.  Тие биле редовна дестинација на биволите  кои имаат потреба од вода во која што сакаат да престојуваат и им е потреба за терморегулација на телото.

Покрај тоа што во минатото се користеле и за производство на млеко или пак месо сепак најкорисни биле за извршување на разни работи пред се во земјоделството како запрега или пак за вршење на житни култури.  Нивната сила е многу поголема во однос на воловите или пак коњите и затоа биле многу поефективни во извршување на физичка работа. Така на пример два ѕевгари со биволи можеле да заменат три ѕевгари волови и сл. Орањето со нив е поквалитетно и подлабоко за разлика од тоа кое се врши со волови и коњи.

 

Со подемот на земјоделската механизација нивното значење нагло опаднало, а со тоа како последица и нивниот број. Денешните жители во Македонија не се навикнати да купуваат и конзумираат биволско месо ниту пак да го јадат сирењето Моцарела кое што е многу популарно во некои европски земји. Поради малиот број на единки е исклучена можноста од организиран откуп на месо и млеко од овие животни.

За да го зачува биволот од потполно изумирање државата воведе субвенции од 2500 денари по грло. Дали оваа мерка ќе биде доволна ова животно да опстои каде што со векови било присутно останува да видиме.

Подготвил: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close