fbpx
ВестиВкусот на традицијатаТоп вести

Фудфлористика – концепт што носи радост и среќа

Фудфлористика  е нов концепт на бизнис идеја што на нашите простори почна да ја развива Ирена Гуржовска од Скопје. Идејата дошла сосема случајно, но спонтано  се претвора во сериозен  бизнис. Букетот од киндер јајца и бонбони, што Ирена го направила  за приредбата на нејзиниот син , в градинка, можеби бил пресуден. Поточно емоциите и радоста што тогаш Ирена ги забележала во очите на нејзиниот син биле пресудни. Почнала да размислува, да направи  букет што може да се јаде, овој пат од овошје и зеленчук, со цел да може да го натера својот син да јаде зеленчук. Задоволството што оваа идеја го предизвикало бил полн погодок. Ова било доволно Ирена да почне да истражува. Желбата да направи нешто уникатно  и  креативно, нешто што ќе го разубави не само нејзиното секојдневие туку и на останатите и’ се исполнува.

Почнува да прави букети, но не било какви , туку букети што се јадат.

-Почнав да истражувам , но на англиски јазик неможев да најдам ништо. Моето познавање на рускиот јазик (бидејќи  по професија сум преведувач од Руски јазик) ми помогна да најдам ментор во Русија. Од Ања Назарова ја научив основната технологија како се прават букетите, бидејќи откако ќе се направи букетот продуктите треба да го задржат својот мирис и вкус и да може да бидат јадливи и отпосле. Девојката што ме научи беше прва во светот што почна да се занимава со фудфлористика, па решив да учам од оној кој ги поставил темелите за букетите што се јадат, објаснува за Зелена берза Ирена.

 

Нејзините почетоци, како  и  многу новини што се случуваат,  биле дочекани со доза на скептицизам,но имала поддршка од своето семејство. Ирена сакајќи нешто креативно да работи, почнала да прави букети од овошје за своите другарки. Еден ден носејќи така букет за својата другарка, не можела, а да не го забележи интересот кај случајните  минувачи. Тука биле и прашањата  за тоа  што го направила и дали може да се јаде? Реакциите биле воодушевувачки. Продолжила да им прави изненадувања прво на своите блиски и да предизвикува со тоа многу радост, емоции  и среќа. По сугестија на својата пријателка прво ја отвора фејсбук страницата  „Букет среќа“ за многу набрзо да си формира и компанија „Букет среќа“ што успешно егзистира  веќе една година.

 

Ирена сама вели дека букетите што ги изработува се нешто повеќе од букет, и се повеќе од храна, мирис, вкус, емоции кои остануваат незаборавни за оној за кој што е наменет букетот. Со еден збор среќа.

-Фудфлористиката е новина на нашите простори. Многу истражував и до формирањето на мојата компанија поминав многу курсеви. На почетокот им беше чудно на луѓето, не знаеја за што станува збор, па дури и кога ја регистрирав фирмата имавме потешкотии поради тоа што не знаевме со која шифра да ја регистрираме, затоа што стануваше збор за прва компанија од овој тип. Работилницата каде ги изработувам букетите не е класична продавница, нема изложбен дел. Свежината на букетите ни е многу важна, поради тоа набавка на продукти правиме секојдневно, и посебно за секој букет. Работиме само со нарачки, готови букети немаме, објаснува Ирена.

 

Букетите може да се направат скоро од се’. „Букет Среќа“ соработува со пиљара во Скопје каде секогаш може да најде свежи продукти.

– Клиентите може да си одберат модел од социјалните мрежи, но букетот може да биде и по желба. Тогаш заедно со нив  ги разгледуваме желбите, можностите  и заедно создаваме еден концепт, кој може да биде различен во зависност  од омиленото овошје,  друга храна или пак омилена боја. Цените на букетите се различни. Зависи од техниката што се применува, потрошеното време, какви производи ќе се употребат итн. Се почнува од 600 ден па нагоре, објаснува Ирена.

Како што вели за една година постоење предизвикала голем интерес. Има лица кои се интересираат за фудфлористиката  што од една страна и е драго, но од друга страна е обврска и одговорност околу поставувањето на стандардите за овој концепт.

-Малку не има во оваа област. Соработуваме  и се надградуваме едни со други и се обидуваме да создадеме фер услови и стандарди на високо ниво за сите што сакаат да се занимаваат со ова, додава Гуржовска.

Со цел да им ја приближи фудфлористиката на што повеќе заинтерсирани, а истовремено  да се задржат на едно квалитетно ниво стандардите за овој концепт,  Ирена Гуржовска организира обуки. Не е едноставно, но првичната идеја оди по нагорна линија  со единствена цел да постигнува позитивни емоции, радост и среќа, не само кај оние што ги добиваат букетите,  туку ина оние што сакаат да се занимаваат со фудфлористика.

П.Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close