fbpx
ВестиРурален туризамТоп вести

Сан Серволо – пиварница и комплекс каде се капете во пиво!

Репортажа од Истра

 

Уште една прекрасна бизнис идеја која го окупира нашето внимание и за наша среќа, но и на многу други туристи ни остави „боја “ на пејзажната слика на Истра е пиварницата  Сан Серволо. Нејзините придружни објекти за развој на руралниот туризам : хотелот, спа центарот и пивницата за дегустација само не убедија дека добрата идеја, сплотеното семејство и трудот можат да направат профитно чудо.

Но, ајде да ви ја раскажеме нивната приказна…

Сан Серволо – пиварница и комплекс каде се капете во пиво!

Водата од изворот „Св.Иван“ кој се наоѓа во долината на реката Мирна е многу богата со минерали и ја дава свежата нота на пивото „Сан Серволо“. Идејата за пивото „Сан Серволо“ се појавува заради потребата хрватскиот пазар да се збогати со исклучителни висококвалитетни домашни пива кои најпрво ќе се служат на Истра, па потоа пошироко низ земјата.

Јачменовиот слад, хмељот, квасецот и водата се четирите основни состојки на најомилениот пијалок на машката популација, а и на дел од женската – ПИВОТО.

REINHEITSGEBOT или познат како „Германски закон за чистота на пивото“ е во суштина име за збир регулативи кои ги одредуваат и ограничуваат состојките во производството на пивото во Германија и многу други земји низ Европа. Овој „закон“ постои од 1517 година. Токму овие правила се основа во производниот процес на пиварницата  „Сан Серволо“ сместена во предградието на Бује во Истра, Хрватска. Истата е отворена во 2013 година и е единствена на подрачјето на Истра. Идејата за пивото „Сан Серволо“ доаѓа од сопствениците Симон и Горан Грбавац и нивниот роднина Марко Биондиќ, заради потребата хрватскиот пазар да се збогати со занимливи висококвалитетни домашни пива кои најпрво ќе се служат на Истра, па потоа пошироко низ земјата.

Името оваа пиварница  го добива по заштитникот на градот Бује, „Свети Серволо“. Во зголемувањето на квалитетот на ова пиво секако во многу придонесува квалитетот на водата која се користи. Водата од изворот „Св.Иван“ кој се наоѓа во долината на реката Мирна е многу богата со минерали и ја дава свежата нота на ова пиво. Целиот процес на производство трае 60 дена. Нивното вкупно производство на пиво е 400.000 литри годишно.

Наточено во прекрасни шишиња со етикети во средновековен стил и послужено во кристални чаши под Сан Серволо брендот , пивото е вистинско уживање и за оние кои не се љубители на овој напиток. Во склоп на пиварницата функционира прекрасен бутик хотел и голем спа центар во кој може  да добиете пивска бања или 45 минутен ритуал  капење во пиво.

-За да не бидете во искушение да пиете од бањата ние ќе ве послужиме со флаширано пиво – се смееше љубезниот домаќин, објаснувајќи дека пивото во бањата е разредено со вода и други додатоци кои хранливо делуваат на кожата.

Исто така, во овој комплекс има прекрасен ресторан „Beer & Steakhouse“ каде се служат месни делиции.

Дегустацијата ја започнавме со црвеното пиво кое во својот состав има и карамелизиран јачменов слад, според мене највкусно од сите четири пива кои ги произведува „Сан Серволо“.

-Ова е нашето најпрепознатливо пиво. Истото го правиме од два вида јачменов слад. Едниот од нив е претходно карамелизиран и тоа ја дава црвената боја на ова пиво. Неговата јачина е 5,4% алкохол и е едно од „полесните“ пива, се пошегува нашиот водич и додаде –Црвеното пивo e првото пиво кое ние го произведивме и кое не обележува на пазарот, потенцираше тој.

Со ова пиво не послужија даска со домашни сувомесни производи и разни видови сирења.

Второто, беше светлото пиво кое е исто или слично со пивата кои се пијат ширум светот во оваа категорија. Направено со плиснер слад и два вида баварски хмељ, лесно, питко и со мал процент алкохол одлично се дегустираше со топлото предјадење. Традиционално низ Истра, а најмногу поради влијанието на Италија во овој гастрономски курс се служи паста.

Следуваше темното пиво, според мене најтешко, но имаше и такви за кои ова пиво беше фаворит. Луксузни ноти на кафе и кремаст вкус му даваат четирите типови слад и две врсти егзотичен хмељ. Со главното јадење, односно неколку типови меса, стекови и печења, ова пиво баш добро се совпадна. Иако се смета за најтешко и зимско пиво.

На крајот го дегустираме и златното„Сан Серволо“ пиво.

Голд или златното пиво на оваа пиварница. Во истото се става двојно повеќе слад и хмељ, па затоа одлежувањето трае двојно  повеќе. Од тука доаѓа и убавата златна боја на ова пиво.

Како вистинска скапоценост, беше  послужено на крајот заедно со десертот, домашен сладолед.

Храната послужена во дегустацијата беше неверојатно вкусна, но она што ни „запна“ за око беше дека во најголем дел истата е произведена на Истра на традиционален начин . Тоа го прави доживувањето на секое место посебно. Тоа остава печат во вашата меморија и останува засекогаш сеќавањето на вкусовите на Истра.

И после ова искуство секогаш ми останува во главата  размислувањето за мојата земја… каде сме ние во успешните приказни на светот ? Каде е нашата рурална средина на мапата на туризмот, или нашиот земјоделец на мапата на светската економија ?

Поентата на овие претставувања на бизнис идеи кои најчесто се финансирани од ИПАРД и кои го развиваат руралниот  туризам и стопанството на една земја воопшто, е да не поттикне да размислуваме проактивно и претприемачки. Жалосно  е една мала земја пребогата од вкусови и традиција да служи увозни производи, а своите или ги фрла или престанува да ги произведува . Колку и да уживаме во другите држави остануваме гладни за себе си и за нашата традиција.

„Најмалку ги посетувавме своите зафрлени села, бистри реки и густи зелени шуми, се мислејќи дека се тука, близу и дека за нив има секогаш време. А не најдовме време. Заведени од светските чуда, заборавивме на себе и на своето потекло ! “( М.Капор)

Затоа, во надеж дека заедно со Вас ќе го промениме текот на нештата и дека ќе Ве поттикнеме на акција да ја вратиме традицијата и да ја кренеме нашата руралната средина на нивото кое го имаат државите од поранешна Југославија, продолжуваме да пишуваме и да Ве мотивираме да соберете храброст и да започнете свој бизнис.

Тоа е она за што се залага и ќе се залага „Зелена берза“- Вкусот на македонската традиција на “светската” гурманска трпеза !

 

Од Истра за „Зелена берза“ Христина Фуна

 

Слични написи

Back to top button
Close