fbpx
ВестиТоп вести

Жетвата на јачменот заврши, ќе почне на пченицата а цените уште не се знаат

На земјоделските површини на Фирмата „Боки Змај“ с. Иванковци Велес, жетвата на јачменот заврши.  Приносите  во просек се движат по 3 т јачмен по хектар. Сопственикот на фирмата Ивица Стојчев вели дека приносите задоволуваат ако се имаат  предвид  неповолните  временски прилики за време на сеидбата. Жетвата исто така не помина без проблеми. Врнежливото време беше причина што жетвата се оддолжи.

-Јачменот  го имам посеано на 500ха. Жетвата ја почнав на 10 јуни, но врнежливото време не ми овозможи да ја завршам порано. Тогаш кога требаше влага немаше, а сега кога треба да се жнее само врни. Три дена жнеј, еден дома, заради дождот. Квалитетот е добар ако знаеме дека  за време на сеидбата имаше многу сушен период. Во просек имам 3т по хектар, вели Ивица Стојчев.

Како непишано правило секоја година се повторуваат истите проблеми. Не се знае точната цена на ниту на јачменот, ниту на пченицата. Ништо не се знае, вели Стојчев.

-За брзо ќе почне и жетвата на пченицата, ама ништо не се знае ниту цена ниту откуп. Имам големи количини не можам да ги чувам, ги носам во Агриа. Која ќе биде цената не знам. Кој како ќе се снајди, така е. До сега требаше надлежните институции да одржат средба и да се знае цената. Вака не можеме ништо да правиме. Јачменот е  скоро готов, ќе треба да почнеме со жнеење и на пченицата. Очекувам  кај пченицата која ја имам на 100ха површина, подобри приноси, посочи Стојчев.

Климатските промени се повеќе се чувствуваат, а со тоа и земјоделците  се’ повеќе стануваат свесни за потребата од нови сорти на пченица и јачмен, кои се издржливи за суша, а не полегнуваат на дожд.

П. Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close