fbpx
ВестиТоп вести

Меѓународниот стандард за безбедност на храната – поголема доверба и конкурентност

Безбедноста на храната добива сѐ поголемо значење и важност во сферата на прехранбената индустрија, не само поради законските обврски и казни за непочитување, туку и поради сериозни финансиски последици кои може да произлезат од намалената побарувачка или дури и целосен бојкот на производот на производителот, ако се утврди дека истиот го загрозува здравјето на потрошувачите.

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) го говорат следното: се проценува дека болест предизвикана од небезбедна храна доведува до 128.000 хоспитализации и 3.000 смртни случаи секоја година; болестите кои се пренесуваат преку храната се дефинирани како болести кои се обично или инфективни или од токсична природа; предизвикани се од страна на агенси кои влегуваат во организмот преку голтање на храната, се распространуваат и претставуваат растечки јавен здравствен проблем, како во развиените, така и во неразвиените земји во светот; небезбедна храна предизвикува бројни акутни и доживотни заболувања, од болести на дијареја до разни облици на канцери.

Светската здравствена организација проценува дека болестите кои се пренесуваат преку храната и водата заедно убиваат околу 2,2 милиона луѓе годишно, од кои 1,9 милиони деца.

„Имајѓи го предвид гореспоменатото, уште во септември 2005 година, Меѓународната организација за стандардизација (ISO) го објави стандардот ISO 22000:2005 – систем за управување со безбедност на храната, но истиот го ревидираше во 2018 година – ISO 22000:2018, потенцирајќи ја примената на HLS (структура на високо ниво) во сопствената содржина, што пак овозможи лесна интеграција со останатите меѓународни стандарди, кои сега даваат поголем акцент на контекстот на организацијата и нејзиното управување со ризици и можности“, истакна Емилија Тодоровска, координатор за квалитет во Стопанската комора на Македонија.

„Тоа е првиот меѓународен стандард кој ја третира безбедноста на храната преку воведување систем за управување со истата и кој веќе во многу европски земји на големо го има заземено местото на HACCP-от во релевантната индустрија. Овој стандард се однесува на сите компании во синџирот на исхрана и ги дефинира барањата за безбедност на храната во системот за управување со истата, засновани врз принципите на HACCP-от и насочени кон обезбедување безбеден краен прехранбен производ“, посочи Тодоровска.

Стандардот е меѓународно признат и се развива врз основа на глобалната побарувачка; третира сеопфатна безбедност на храната преку систем за управување, кој ги надминува барањата на HACCP-от; е базиран на принципите на Комисијата HACCP Codex Alimentarius и е погоден за сите компании кои се во синџирот на снабдување со храна.

Тодоровска потенцираше дека ISO 22000:2018 е првиот стандард кој може да се користи од страна на сите учесници во синџирот на снабдување со храна, познат како „од нива до трпеза“ и ги вклучува и добавувачите на непрехранбени производи и услуги, како што се производители на опрема и пакување, како и даватели на логистички услуги.

Целта на стандардот, новоревидираниот ISO 22000:2018 е да се усогласат на глобално ниво барањата за управување со храната во прехранбената индустрија и индустриите поврзани со неа и официјално да се утврдат елементите кои влегуваат во состав на еден систем за управување со безбедноста на храната, а тоа се: фокусираност кон потрошувачите; демонстрирање лидерство; инволвирање на сите вработени; процесен пристап во работењето; подобрување; донесување одлуки врз база на факти; негување коректни односи со сите заинтересирани страни.

Овој стандард е развиен на ист начин како и другите стандарди за системи на управување, а пред се` ја потенцира безбедноста на храната, но обезбедува и можност за демонстрирање ефективност, ефикасност и континуирано подобрување на компанијата во сопственото работење, фокусирајќи се на основните принципи на добро познатиот во терминологијата на стандардите, Демингов циклус „Plan-Do-Check-Act“.

Компаниите имаат широк спектар на бенефиции од примената и одржувањето на стандардот ISO 22000:2018, а тоа се:

оптимизација на ресурси (интерно и низ целиот синџир на исхрана);

поефикасна и динамична безбедност на храната преку контрола на сите можни опасности (биолошки, физички, хемиски);

систематски и проактивен пристап кон идентификацијата на опасностите по однос на безбедноста на храната, како и развој и имплементација на контроли;

насочување на сите контролни мерки кон анализа на опасностите;

усвојување на моделот на размислување базиран на ризици и можности за делување (risk thinking model);

подобро планирање, помалку после процесни верификации;

подобрена документација, интегрирана со сите други меѓународни стандарди;

систематско управување со предподготвителните и оперативно предподготвителните програми;

насоченост на контролата кон она што е навистина неопходно;

валидна основа за преземање одлуки;

зголемена одговорност на сите инволвирани во работењето;

динамична комуникација во однос на прашања поврзани со храната со  добавувачите, купувачите (консументите), регулаторните тела и други заинтересирани страни;

зголемена доверба кон организациите кои го имаат имплементирано овој  стандард во смисла на нивна способност за идентификација и контрола на опасностите;

подобра референца и конкурентност во и за целиот синџир на исхрана;

подобро разбирање и иден развој на Кодексот за HACCP;

постоење системски проактивен пристап, а не само производен;

дополнување на празнините помеѓу ISO 9001 стандардот и HACCP-системот;

создава рамка за третостепена сертификација;

претставува стандард лесно проверлив и со јасни барања;

одговара на регулаторите;

претставува основа за хармонизација на националните стандарди.

Апликативноста на стандардите во бизнис процесите (независно од која и да се дејност), нивното одржување и секако подобрување на воспоставените системи, потврдени преку сертификации и континуирани надзори, треба да се приоритет на секоја компанија. Тие ја зголемуваат довербата на корисниците, односно купувачите кон нивните производи и услуги и со тоа придонесуваат за поголема конкурентност и транспарентност на пазарот.

Во контекст на сето веќе кажано претставникот на Стопанската комора на Македонија потенцираше дека анализата на ISO организацијата за 2017 година ја рангираше нашата земја во првите 10 земји со растечки број на применливи и сертифицирани стандарди, што до сега не беше случај.

На прес-конференцијата учество зедоа претставничките на „Витаминка“ од Прилеп – Олга Ристеска, магистер по биолошки науки и Жаклина Георгиева, хемиски инженер, кои констатираа дека нивната компанија ја потврдува сопствената доследност во имплементацијата на стандардите и ставот дека тие се навистина алатка за континуирано подобрување во работењето, зголемена доверба и поголема конкурентност на пазарот.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close