Во фенофаза на пораст на зрната и формирање на гроздови, виновата лоза е високо осетлива на инфекции од најзначајните патогени болести, а тоа се причинителот на пламеница, пепелница и сиво гниење, додека од штетните инсекти од најголемо значење е сивиот гроздов молец.
Причинителот на пламеница се јавува на сите зелени делови на лозата, а најчесто се нападнати листовите и зрната од гроздовите. Зрната може да бидат заразени од нивното заврзување па се до прошарок и зреење на грозјето, односно се додека на нив има отворени стомини отвори. За сузбивање на оваа болест во периодот на интензивен пораст на зрната го препорачуваме фунгицидот POLYRAM DF (a.м. метирам), во фенофаза на затварање на гроздот фунгицидот COPERNICO HI BIO (а.м. бакар хидроксид), и во фенофаза на прошарок фунгицидот PENNKOZEB (a.м. манкозеб).
Причинителот на пепелница на виновата лоза може да ги нападне сите зелени делови на лозата, но најзначајните штети настануваат на зрната од гроздовите. Тие може да бидат нападнати од нивното заврзување па се до прошарок. За сузбивање на оваа болест во фенофаза на интензивен пораст на зрната го препорачуваме фунгицидот COLLIS, а доколку е веќе присутна инфекцијата и има потреба од куративно и ерадикатвно делување најдобро е да се комбинира со фунгицидот KARATHANE GOLD (а.м мептил динокап). Во фенофаза на затварање на гроздот за сузбивање на пепелница го применуваме фунгицидот SYSTHANE 20 EW (а.м. миклобутанил), а во фенофаза на прошарок фунгицидот EMINENT 125 ME (а.м. тетраконазол).
За сузбивање на причинителот на сиво гниење се потребни три до четири превентивни третирања и тоа во фенофазите прецветување, пред затварање на гроздот, прошарок и пред берба со некој од фунгицидите кои имаат пократка каренца или некој биофунгицид. Во фенофаза на затварање на гроздот го препорачуваме фунгицидот PAPYUS (а.м. пириметанил), во фенофаза на прошарок CANTUS (а.м. боскалид), а во текот на зреењето на грозјето го препорачуваме биофунгицидот ТIMOREX GOLD (масло од чајно дрво Melaleuca alternifolia) кој нема каренца.
Втората генерација на сивиот гроздов молец во наши услови најчесто се јавува во фенофазите на интензивен пораст на зрната па се до пред затварање на грзодот. За сузбивање на втората генерација на сивиот гроздов молец препорачуваме две третирања со инсектицидот RELDAN 22 EC (а.м. хлорпирифос-метил) во наведените фенофази на грозјето. Летот на пеперутките од трета генерација започнува на крај од месец јули и почеток на август, што се поклопува со фенофазата на прошарок и во овој период штетите се најголеми и најзначајни. Ларвите се вбушуваат во полузрелите зрна, а заради зголемената количина на вода и шеќер, оштетените зрна брзо пропаѓаат и се потенцира сивото гниење. За сузбивање на третата генерација на сивиот гроздов молец го препорачуваме инсектицидот RADIANT 120 SC (а.м. спинеторам), кој покрај гроздовите молци ја сузбива и винскта мушичка која се јавува во фаза на зреење на грозјето. Исто така, RADIANT 120 SC има кратка каренца која изнесува 7 дена. За сузбивање на оваа генерација најчесто се потребни две третирања, особено за касните сорти на грозје, и тоа во фенофаза прошарок и во фенофаза на зреење на грозјето.