Од наш агол
Плажа со јаболка на Преспанското Езеро, истурени праски по пазарите и откупните центри, едноставно послани улици со земјоделски производи, ова е глетката, која за жал, македонските земјоделци ја живеат и ова лето. Разочарувачки фотографии плетат песимистички приказни за македонското земјоделство. Самите наслови во медиумите се депримирачки:Преспа се дави во јаболка! Праските од Росоман завршија на депонија! Производителите во агонија!
Ниската цена на производите, неорганизираниот откуп и незаинтересираниот однос на државата кон земјоделието се повторува со години и години,во недоглед, без оглед која опција е на власт. И секогаш иста приказна, ниски откупни цени, неорганизиран откуп, барање нови закони и решенија од државата.
-Ако нема пласман за земјоделскиот производ, чуму маката?-велат земјоделците и отворено го вперуваат прстот во државата, која треба да бара партнери во странство за пласман на вишокот на земјоделски производи.
На една страна ги имаме вештите и добро организирани откупувачи, а на друга страна разединетитеи сиромашни земјоделци.
Но, проблемот не е само кај трговците и државата туку и во самите земјоделци кои незнаат како да се изборат за своите права. Маната е и во нив што не произведуваат производи според европски стандарди. Секоја чест на исклучоците, но земјоделците знаат да подметнат и производи кои не ги задоволуваат европските стандарди за извоз, да забошотат еднаш и да мислат дека можат и по вторпат, но тоа е само бесмислен ризик на губење на довербата кај партнерите, кои и да се.
Во исто време, земјоделците мора да бидат поорганизирани, посплотени. Да се здружат, заеднички да настапат пред трговците и откупувачите.
Одлична е идејата на преспанските овоштари преку проект со Светска банка, Преспада добие три откупно-дистрибутивни центри со капацитет секој од по 5.000 тони јаболка. Покрај тоа ќе се гради и преработувачки центар за јаболка со капацитет од 10.000 тони јаболка.
Тука се отвора можноста овоштарите да се здружат и да чекаат во зима кога цената на нивните производи ќе биде поповолна да ги отворат вратите за откупувачите.
Инаку,им нема спас!
Парите и натаму ќе одат кај трговците, или како што знаат земјоделците сликовито да предупредат „кајмакот“ даго соберат откупувачите.
Во истовреме мора да се продолжи со битката и да се бара од владата за дел од земјоделските производи да донесе правилник и цена која ќе биде заштитена од самата држава.
Затоа, здружувањето на земјоделците треба да се направи час поскоро и да не се остават работите да се решаваат стихијно.
Ако сакаме во Европа, тогаш треба и европски да се однесуваме, па и во земјоделието!
Анета Блажевска