По повод светскиот ден на кооперантите, во Битола се одржа манифестацијата „Одбележување на денови на млекото и кооперативното здружување“. Републичкото синдикално здружување за земјоделски спас од Логоварди, Битолско, е организатор на манифестацијата посветена на млекото и кооперативите, а на овој начин сака да го привлече вниманието за клучната потреба од здружување на млекопроизводителите, се со цел да се обезбеди поквалитетно производство на млеко. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, истакна дека министерството ги поддржува малите чекори на заложба на земјоделците.
„Многу е битно да се промовираат и поддржуваат ваквите настани, го промовиравме и задругарството, а сега во однос на млекопроизводството, бројот на одгледувалишта има мал пад, но важно е производството со мал процент да се зголемува. Тоа значи да се подобри генетиката, приносот по глава и овие можности нудат поконкурентно млекопроизводство“ истакна министерот Димковски.
На манифестацијата присуствуваше и градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, која ја потенцираше важноста од здружувањето на млекопроизводителите.
„Она што е многу важно кога се работи е здружувањето, заедништвото, а токму ова денес е поттик за такво нешто. Секогаш заедно, здружено, можеме повеќе.Го поздравувам овој настан, како почеток на нешто што треба да премине во традиција“, посочи Петровска.
Покрај организаторот, претседателот на здружението Спас Владо Бабаџоски, на манифестацијата говореа и Никола Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, како и директорот на АД Млекара Битола, Драган Илиевски. Манифестација од ваков карактер се одржува за прв пат во Битола.