fbpx
ВестиТоп вести

АХВ: Поништени 218 килограми небезбедна храна во Дојран, Охрид и Струга

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од 5 до 11 јули, спроведоа вонредни инспекциски контроли кај операторите со храна во туристичките центри Дојран, Охрид и Струга. Целта на контролите спроведени во хотелите, рестораните, пицериите, слаткарниците, бурекчилниците, пекарниците, сендвичарниците, ќебапчилниците, кафе баровите, маркетите и други објекти, е спречување на појава на евентуални труења и инфекции од храна, кои лесно можат да се случат како последица на високите температури и зголемената фреквенција на потрошувачи во ек на туристичката сезона.

Во трите туристички центри спроведени се вкупно 128 контроли при што кај 61 оператор со храна се констатирани неусогласености кои се однесуваат на недоволна хигиена во објектите, неправилно декларирање на храната, нередовно вршење на задолжителните здравствено – хигиенски прегледи на вработените, неуредно и нередовно водење на записите согласно пропишаните процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса и HACCP. Како небезбедни поништени се приближно 218 килограми храна, најголем дел месо и подготовки од месо и јајца.

За отстранување на констатираните недоследности, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство донесоа 20 решенија и една забрана, изречени се и 50 инспекциски мерки едукација на операторите и 6 парични казни.

Покрај засилените контроли во туристичките центри, Агенцијата за храна и ветеринарство спроведува зајакнати контроли и во малопродажните објекти во сите населени места, како и во местата  каде се одржуваат манифестации на отворено и каде се подготвува и послужува храна.

Од почетокот на годинава заклучно со мај, инспекциските служби на АХВ спроведоа вкупно 28.926 контроли во внатрешниот промет и 33.198 контроли на пратки од увоз. Како небезбедни, во овој временски период уништени се 137 тони храна, најголемиот дел од животинско потекло.

Пред најавеното зголемување на температурите, апелираме до граѓаните да ги почитуваат препораките за консумирање на безбедна храна во услови на високи температури кога и ризикот од нејзино расипување е поголем. Храна да купуваат од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано безбедносните системи, а како потрошувачи да внимаваат на означувањето на производите, на тоа каде и како истите се чуваат. Исклучително важно е да се внимава на хигиената и во домаќинствата при  подготовка на храната, нејзиното чување на соодветна температура, одвојувањето на сировото од зготвеното, како и користењето на исправна вода и свежи намирници за подготовка на храната.

Како одговорна институција за безбедноста на храната ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, лично, или на електронската пошта info@fva.gov.mk.

 


 

netpress.com

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close