Општината Новаци е мошне успешна во пристапувањето и искористувањето на европските фондови –оцени евроамбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, при денешната посета на Општина Новаци и дел од туристичките локации во овој регион.
Општината Новаци во моментов работи на прекуграничен проект со Грција, кој што започна во мај 2018 година, а ќе заврши во мај 2020 година.Тоа значи набавака на механизација и дополнителна опрема како котел за загревање на градинката во Новаци. Проектот е насловен „Одржливо менаџирање на агро-отпадот за загревање на руралните средини“- Agrowchain од програмата за прекугранична соработка Македонија- Грција.Партнери во проектот од македонска страна се АПРЗ, а од грчка Детепа општинско претпријатие за централно загревање од Аминдео, CRES и CLUBE.
Со пари од европските фондови досега се финансирани проектите „Жива историја, жива природа“, беше саниран покривот на црквата во Градешница, мостот во Зовиќ и куќата на Калеш Анѓа во Старавина. Додека пак во проектот „Жива историја, жива природа 2“ беше изграден рекреативниот центар на Коњарка.
-Со амбасадорот Жбогар разговаравме за проектите финансирани од Европската Унија кои ги реализиравме во минатиот период, и лично ќе ги посетиме да види амбасадорот што се е направено со европски фондови. Исто така се договоривме за начинот како во иднина можеме да ги користиме тие европски фондови. Го информиравме амбасадорот дека како општина можеме да ги изработиме тие проекти што се потребни за да ги поминат тие филтри, за да можеме да ги користиме парите наменети за руралните општини, рече градоначалникот на Општина Новаци, Љубе Кузманоски.
Шефот на Делегацијата на Европската унија во Скопје, Самуел Жбогар,рече дека една од првите препораки што ги добил на почетокот од неговиот мандат било да го посети ова подрачје, да ја истражува природата и го разбере подобро и карактерот на луѓето.
–Како што можете да забележите ги зачестивме нашите посети на општините, важно ми е да разговарам со луѓето , со градоначалниците и некако да го почувствувам пулсот, односно подобро да разберам каква е оваа земја. Во оваа прилика морам да истакнам дека иако по бројноста на населението Општината Новаци е доста мала општина, сепак од друга страна е мошне успешна во пристапувањето и искористувањето на европските фондови – нагласи евроамбасадорот Жбогар.
Амбасадорот смета дека од особена важност за Општината Новаци ќе биде поддршката од европските фондови за проектот за наводнувањето, проект што ќе му биде од голема помош за земјоделците и ќе им го олесни на некој начин животот.
За шефот на Делегацијата на Европската унија во Скопје, особено се важни и туристичките потенцијали на општината, но на состанокот било речено дека недостасуваат сместувачки капацитети и дека во иднина треба да биде насочено вниманието во таа насока.
-Разговаравме доста и за туристичките потенцијали во овој регион и утрвдивме дека се доста големи , меѓутоа не можат целосно да се искористат поради недостатокот на сместувачки капацитети. Па разменивме мислење дека можеби во иднина дел од проектите можат да помогнат во оваа насока.
А.Блажевска