Затворен сточниот пазар во Битола
Со одлука на Агенцијата за храна и ветеринарство, затворен е сточниот пазар во Битола на неопределен временски период. Како што истакнува првиот човек на ЈП „Пазари“ ваквата одлука пристигнала пред неколку дена во која се наведува дека е заради безбедносни причини.
„Согласно решението бр. 08-3069/1 од Агенцијата за храна и ветеринарство односно од директорот Зоран Поповски, дадено е решение да се затвори сточниот пазар т.е. добиточниот пазар во Битола кој што го организира ЈП Пазари од Битола, од причина што се појави болеста „чвореста кожa“ кај говедата и нормално ова затварање на сточниот пазар се однесува се со цел да не се шири самата болест. Инаку не е затворен само сточниот пазар во Битола кој што го организира ЈП Пазари од Битола, туку има затворање на сточните пазари низ цела Република Македонија. Значи сите пазари се затворени на неодредено време се додека не добиеме нови инструкции т.е. нови наредби од Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ.“ – изјави Сашо Стаматов, директор на ЈП Пазари – Битола.
Во Пелагонија не е досега регистрирана болеста „чвореста кожа“ но од превентивни мерки сите добиточни пазари се затворени. Одгледувачите на добиток се надеваат дека ова затворање на добиточниот пазар нема да трае долг временски период.