Од Националниот парк Пелистер апелираат до собирачите на боровинки да не оставаат ѓубре зад себе, појава која редовно се случува секоја година. Бербата оваа година ќе започне на 10 август.
-Едвај успеваме да исчистиме, не го оставаат на видело, го кријат, а кога има ветер излегува на површина. Апел и до берачите од околината на Ниже Поле да не кампуваат кај Црвена река, Лак поток и Сапунчица каде се напојува Битола со вода за пиење, за да не дојде до загадување на водните текови. Нашите служби тоа ќе го контролираат, но апелот е добредојден, вели ПЕЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ, НАЦИОНАЛЕН ПАРК ПЕЛИСТЕР.
Секој собирач на боровинки мора да има легитимација и маркица која ја издаваат од националниот парк, а оние кои не ги почитуваат законските прописи може да се соочат со казна.
-На задната страна од легитимацијата ги пишува правилата, што не треба, а што треба да се прави, плаќаат членарина, треба да ја носат легитимацијата и маркицата за оваа година за да немаат проблеми. Сме имале случаи кога нелегално собирале, сме пријавиле до судски органи, казните се високи и не би било пожелно да се соочат со таков проблем, вели Цветановски.
Оваа година бербата на боровинки започнува малку подоцна затоа што се уште не е достигната биолошката зрелост. Од Националниот парк Пелистер напоменуваат дека предвремено собирање и вршење откуп е строго забрането, а редарите на националниот парк и шумската полиција постојано ќе преземаат активности за спречување на таа појава. Неправилното собирање, како што е откорнување на цело растение, сечење гранки, собирање незрели плодови предизвикува големи штети врз боровинката.