fbpx
ВестиТоп вести

Дарко Шамбевски од Радобор подигна картичка со над 13 илјади денари за „зелена нафта“

Над 13 илјади денари е сумата која за „зелена нафта“ му беше доделана на пелагонискиот земјоделец Дарко Шамбевски од селото Радобор, Општина Могила. Дарко е млад земјоделец кој денеска во дисперзираната канцеларија на Министерството за земјоделство во Општина Могила ја зеде картичката за „зелена нафта“. Покрај  Дарко во канцеларијата само за неколку часа картички подигнаа над стотина земјоделци од овој крај.

-Јас сум производител на пченка, градинарски култури, грав,  пипер, лук. Оваа нафта е за минатата година, тогаш произведував земјоделски култури на над 30 хектари земја, годинава ги намалив површините.  Само грав имав посадено на над 50 декари, 20 хектари со житни култури, и останиот дел со пченка. Парите што денеска ги земам со картичката за „зелена нафта“ не ми се доволни зошто јас имам голема потрошувачка, но добро е што еден дел од трошоците ми се надоместува со оваа мерка на Владата. Правам евиденцијата колку трошам нафта и дел од тој трошок ќе го покриеме со оваа мерка, што е добро, изјави членот на здружението „Зелана берза“ Дарко Шамбевски, земјоделец од селото Радобор.

Картичките за „зелена нафта“ имаа различни суми за пелагонските земјоделци од 1000 денари, па се до 100 000 денари за покрупните земјоделски производители.

-Јас сум ситен земјоделец произведувам пченица на околу 1 хектар, и оваа мерка  на Владата е  добра за земјоделците, но треба да се покачат откупните цени. Многу е ниска откупната цена на пченицата. Верувајте евтино е да се даде на откуп килограм пченица за десет денари.  Сега со картичката ќе надоместам над 1000 денари за нафта, добро е,иако не ми е доволно, вели Живко Шојлелевски, земјоделец од селото Могила.

Градоначалничката на Општина Могила Јасмина Гулевска заедно со раководителот на ПЕ Методија Илиевски учествуваат  во доделувањето на картичките за „зелена нафта“, разговарајќи со земјоделците околу критериумите кој се може да ја користи оваа владина мерка.

-Денеска во дисперзираната канцеларија на ПЕ на Министерството за земјоделство во Општина Могила, стотина земјоделци ги подигнаа картичките за „зелена нафта“ и ја искористија можноста да не одат во Битола , туку овде во Могила да ги подигнат картичките. Ние како рурална општина ја поздравуваме оваа мерка на Владата на Р.С.Македонија бидејќи е важна за земјоделците и е од помош за земјоделскиот буџет. Од друга страна со ова се докажува дека Владата се залага за подобрување на состојбите во земјоделието, изјави за „Зелена берза“ градоначалничката на Општина Могила Јасмина Гулевска.

 

Според евиденцијата на ПЕ на Министрството на земјоделие во Битола  над 3600 земјоделци од пелагонискиот регион треба да подигнат картички за „зелена нафта“ Од нив над 1000 земјоделци се токму од Општина Могила, над 600  земјоделци се од Општина Новаци, додека останатите се под Општина Битола.

-Денеска сме во Могила, во нашата дисперзирана канцеларија, целата ние е да ги увериме граѓаните дека навистина се реализира проектот „зелена нафта“. Тука сме со нашите колеги од Министерството да ги поделиме што побрзо картичките да можат и земјоделците што побрзо да ги користат овие бенефити, изјави Методија Илиевски, раководител на подрачната единица на Министерството за земјоделство во Битола.

Илиевски вели дека во битолскиот дел на Пелагонија има над 5000 регистрирани земјоделци , но не сите имаат право на картичките за „зелена нафта“. Критериумите за оваа мерка на Владата се однапред определени, но ова мерка не можат да ја ползуваат и оние земјоделци кои досега не им се подмирени обврските кон Водостопанско претпријатие и кон ЈП Стрежево .

-Земјоделците штом ги подмират своите долгови за наводнување ќе можат да ги подигнат своите картички за „зелена нафта“. Да напоменам со оваа мерка не се опфатени тутунарите, рече Илиевски.

А.Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close