Општинската организација на СДСМ во Гостивар денес ја претстави мерката „зелена нафта” со која е предвидно земјоделците да набавуваат евродизел за земјоделската механизација по 30 отсто пониска цена.
Претседателот на ОО СДСМ Гостивар, Драгољуб Филипоски на прес конференција истакна дека 325 земјоделци од гостиварскиот регион може да ја користат оваа мерка, со што како што рече исполнето е предизборното ветување кон нив.
– Гостиварските земјоделци, ваучерите може да ги подигнат во подрачната единица на Министерството за земјоделие. Со мерката Зелена нафта, земјоделските производители добиваат субвенции за користење на нафта, со што ќе се зголеми ефикасноста во производството, ќе се намалат трошоците, а со тоа и земјоделските производи ќе бидат поконкурентни на пазарот. Тоа ќе донесе и поголеми приходи во нивниот домашен буџет, рече Филипоски.
Првиот човек на гостиварските социјалдемократи во обраќањето нагласи дека Владата предводена од СДСМ ги слуша потребите на земјоделците и создава амбиент за тие да имаат рентабилно и конкурентно производство.
Со мерката ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци на државно ниво со што на овој начин, кај земјоделците ширум државата се враќаат околу 200 милиони денари. Според Филипоски актуелната Влада предводена од СДСМ прави многу за земјоделците ги слуша потребите на земјоделците и создава амбиент за тие да имаат рентабилно и конкурентно производство. Во таа насока се и измените на законот за земјоделско земјиште кои ќе овозможат правилна распределба, а обработливото земјиште да биде кај вистинските земјоделци.
Филипоски ги нагласи и мерките со кои младите земјоделци ќе бидат ослободени од плаќање на закупнина 3 години, пчеларите ќе можат да добијат државно земјоделско земјиште и давење на можност за изградба на објекти за промоција на земјоделски производи.