Цената на пиперката достигна рекордни 29 денари по килограм. Со ова се пофали премиерот на својот Facebook профил.
„За 93% е зголемена откупната цена на пиперката, од 15 денари во јули 2015-та година на 29 денари за килограм оваа година. Земјоделците и производството на храна се наш приоритет“ напиша, меѓу другото, Зоран Заев на социјалната мрежа.
Но, поскапите пиперки не се добра вест ниту за граѓаните ниту за земјоделците.
Едните ќе треба да издвојат многу повеќе пари за правењето зимница, а другите велат дека повисоките цени не се резултат на владините политики туку на зголемените трошоци, дека на крајот за нив повторно останува малку.
Земјоделците веќе плаќаат поскапо гориво поради дополнителната акциза, а зелената нафта дури сега почнува да се точи, речиси три години по ветувањето и тоа со помала субвенција – 30 наместо првично најавените 50 проценти.
Се очекува род од околу 50 илјади тони Ајварка, повеќе од половината ќе дојде од нивите во струмичко.
Грубите пресметки покажуваат дека тегла домашен ајвар годинава ќе чини околу 100 денари. Секако, во оваа цена не влегува трудот кој треба да се вложи во мачната постапка на печење, лупење, мелење, пржење на пиперките.