fbpx
ВестиТоп вести

ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО КАКО ИМПЕРАТИВ ЗА СТАБИЛНИ И ПРЕДВИДЛИВИ УСЛОВИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС

На тркалезната маса, одржана во Стопанската Комора на Македонија, се дискутираше за различните аспекти на прашањето за владеење на правото во земјата и импликациите врз бизнис амбиентот и пошироко врз целото општество. Притоа, беа посочени бројни поенти од страна на мошне репрезентативниот панел дискутанти.

Принципот на владеење на правото сé повеќе го поткопуваат проблемите  поврзани со сивата економија, корупцијата, нееднаквите правила на игра, бавната администрација, дискреционите овластувања, неефикасните судски постапки, како и преголемата регулација во одредени подрачја каде што тоа не е неопходно, кои не се „од вчера„, туку се натрупани повеќе години наназад, посочи во воведното излагање д-р Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора на Македонија.

При презентирањето на анализата која ја направи Стопанската комора на Македонија, поврзана со степенот на владеење на правото во земјата, согласно Листата за проверка на Венецијанската комисија, беше посочено дека е неопходно најитно да се преземат итни чекори во насока на подобрување на состојбите во правосудството и пристапот до правдата, како и намалување на злоупотребите на службената положба и овластувања, особено на високите функционери, бидејќи најслаби резултати се прикажани токму во овие два сегменти. Анализата покажа дека правната уреденост на прашањата поврзани со еднаквоста пред закон, легалитетот и правната сигурност, е на релативно високо ниво, но постојат големи отстапки во имплементацијата на прописите во праксата, односно нивната недоследна примена. Во таа насока, законот ќе биде закон доколку постои моќ за негово спроведување во практиката, истакна Милевска Штрбевска.

Претседателот на Стопанската Комора Азески истакна дека иако навидум владеењето на правото не изгледа како „чиста“ економска тема, тоа е прашање од исклучителна важност за бизнис заедницата. Притоа, проблемите со владеењето на правото се карактеристика на целиот регион на Западен Балкан, што се потврдува во дискусиите во рамки на Коморскиот инвестициски форум.

Во дебатата, амбасадорот Жбогар рече дека владеењето на правото во својата основа всушност е прашање на доверба во триаголникот граѓани-држава-судство и дека ерозијата на таа доверба води до ерозија во целото општество.

Глигор Бишев посочи дека владеењето на правото може да се набљудува како социјална инфраструктура во општеството. Потребен е социјален договор помеѓу сите чинители за којшто е неопходна и координација при исполнувањето на договорот. Клучен елемент во тој контекст имаат институциите, чијашто ефикасност се одразува на брзината на економскиот раст на земјите, објавува Стопанска кoмора на Македонија

 

 

Слични написи

Back to top button
Close