Саемите одлична можност за промоција
По завршувањето на првиот Агросаем 2019 што се одржа во Струмица се сумираат првите впечатоци, на организаторите, излагачите а и посетителите. На саемот можеа да се видат последните достигнувања како во процесот на земјоделското производство така и се она што е поврзано со него како: заштитни средства, прихрана и секако последните достигнувања во земјоделската механизација. Жешкото време не ги поколеба ниту излагачите ниту посетителите, затоа што заедничка карактеристика за сите е промоцијата на она што се работи.
Имајќи го предвид фактот што саемот беше посветен на органското градинарско производство, организаторот Проагро фармери им додели признанија на најуспешните градинари во оваа област. Органското производство е она кон што се стреми модерното и квалитетно земјоделско производство. Градинарите од струмичкиот регион стануваат свесни за тоа увидувајќи ги и самите, резултатите од таквиот начин на производство.
Никола Вргов од с. Моноспитово е еден од наградените кој го применува органскиот начин на производство на површина од 13 декари под пластеници. Задоволен е од приносите.
„На отворено ништо не се раѓа, почвено климатските услови не овозможуваат ваков начин на производство. Одгледувам лути, бабури, краставици, корнишони и куртова капија. Поскапо е ама е подобро и има резултат, Задоволен сум од приносите, а немам проблем ниту со продажбата. Ги носам во МН компани во нашето село, навреме ни плаќа немаме никакви проблеми, “вели за Зелена берза Никола Вргов.
Гоцев Наце од с. Моноспитово е исто така добитник на признание за органско производство на домати и пиперки. Ги одгледува во пластеници на површина од 10 декари.
„Се определив за градинарско производство заради егзистенција. Тешка е работата ама се исплаќа. Производите се за 3-4 денари повисоки од конвенционалното производство. Јас ќе продолжам и понатаму да работам, ама децата… се сомневам. Има големи трошоци, и доколку цените на производите бидат повисоки можеби ќе продолжат, но вака не знам“, вели Наце.
Синпекс ДОО Битола е реномирана компанија од Битола која е дистрибутер на земјоделска и приклучна механизација на голем број странски марки. Учеството на саеми е дел од нејзината работа.
„ Вообичаено ги следиме сите саеми и на повеќето од нив земаме учество. Саемите се одлична можност за промоција на она што се работи, во случајот промоција на нашите производи што ги продаваме. Синпекс има широка палета на производи, а овде сме присутни со повеќе брендови: трактори John Deere и Tafe, производи на Husqvarna, Grifo млинови, Agrina со цела програма, прскалки Öntar. Од страна на посетителите има интерес скоро за сите производи, но за земјоделците се најинтересни тракторите John Deere и Tafe кои имаат многу поволни цени и услови за плаќање, вели Петар Талевски, референт за продажба во Синпекс Битола.
Саемот во Струмица го привлече вниманието не само на земјоделците туку и на обичните граѓани.
„Иако е многу жешко, а не сум земјоделец, поминав да ја задоволам мојата радозналост, вели еден Струмичанец.
„Ова е одлично, случајно дојдов и сакам се’ да видам“, рече еден посетител.
„Дојдов да го видам саемот, посебно ме интересира земјоделската механизација. Производител сум на градинарски култури и сакам да ги видам последните достигнувања на науката, бидејќи ја немаме секој ден оваа можност. Посебно ме интересира механизацијата, а ак нешто ми одговара можеби и ќе се подновам“, вели еден земјоделец од Куклиш.
Најмалите пак најмногу сакаа да се качат на трактор. Нивната радозналост беше најголема кај John Deere.
Имајќи ги предвид предностите што ги имаат ваквите саеми, организаторите се надеваат дека овој саем во иднина ќе стане традиција.
П.Јовановска