Целта на проектот „Со хуманитарна рака до чиста енергија“е да се подобри енергетската ефикасност, да се придонесе за намалување на загадувањето и да се подобрат условите за живот на жителите од регионот.
Физибилити-студија за еколошки систем кој ќе обезбеди греење, ладење и вентилација на Клиничката болница во Битола изработи Кралскиот институт за технологија од Шведска.
Клиничката болница од Битола се грее на мазут, а плановите за во иднина се еколошкиот систем кој е хибриден систем со примена на соларна енергија и топлински пумпи да ја намали емисијата на јаглероден диоксид за една третина.
Во Битола аерозагадувањето не доаѓа само од работата на РЕК-Битола туку во голем процент од затоплувањето во домаќинствата и институциите кои користат мазут, нафта, огревно дрво и други фосилни горива.
Котлите во Клиничката болница Битола се стари речиси половина век, чадот од затоплување со мазут е видливо од оџакот на котларата на што битолчани често реагираат на социјалните мрежи.
По едногодишно анализирање на состојбата и истражување од страна на тимот составен од тројца професори и 12 студенти од Кралскиот институт, направен е избор за воведување хибриден систем.
Да се подобри енергетската ефикасност, да се придонесе за намалување на загадувањето и да се подобрат условите за живот на жителите од регионот е целта на проектот „Со хуманитарна рака до чиста енергија“.
–Кога има сончеви денови, ќе може да се користи соларната енергија, а кога е облачно системот ќе работи на друг енергент, комбинирано е. Овие системи не се новина, сè почесто се применуваат во Германија, Швајцарија и други земји, со оглед на тоа што сончевата енергија станува сè поевтина. На места каде што има евтин гас или нафта овие системи не се популарни. Но постојат многу придобивки за животната средина со префрлување на овие системи и сакаме во иднина да имаат што поголема примена, вели Нелсон Сомерфелт професор на шведскиот Кралски институт во Битола.
Директорот на болницата Зоран Лазаров вели дека како раководство го наследиле системот на греење на мазут, и сега за да ја подобрат состојбата се одлучиле за еден ваков проект. Со проектот се добиваат многу подобри услови, а ова ќе значи и голем бенефит за болницата, која милион и пол денари плаќа за струја и вода, а со овој проект нема да се плаќа греење, вентилација и ладење вели првиот човек на болницата.
-Котлите се стари, мазутот е неквалитетен и веднаш кога оџакот ќе зачади изложени сме на напади од граѓаните. Тоа не е наша вина, ова е затекната состојба. Свесни сме дека придонесуваме за загадување на воздухот во Битола, токму затоа презедовме чекори за решавање на проблемот. Се надеваме дека овој пример ќе го следат и другите институции кои предизвикуваат аерозагадување. Со проектот се добиваат многу подобри услови за пациентите, персоналот и за градот Битола. Користа е огромна, а освен еколошките придобивки, големи ќе бидат и заштедите на болницата.
Проектот презентиран во Битола, е по иницијатива на невладината организација „Од рака на рака“ на Марија Росенгрен, наша, битолчанка хуманитарка во Шведска.
–Не само што нас во Битола и во земјава ни е познато дека имаме проблеми со загадениот воздухот, дека има загадувачки честички, туку ова е на светско ниво познато и во сите статистики пишува колку голем проблем имаме во Македонија и во Битола со загадувањето. Кога слушнаа во Кралскиот институт во Стокхолм дека ние работиме на решавање на овој проблем, тие со гордост го воведоа овој проект во нивната програма уште минатата година, вели хуманитарката Росенгрен.
Она што допрва ќе претстои е изработка на техничка документација и аплицирање до фондови за изнаоѓање средства. Надежите се дека финансии ќе се обезбедат од Светска банка, а ќе се аплицира и до европските фондови. Доколку се обезбедат пари, проектот ќе се имплементира од март и некаде за година и пол Битолската болницата ќе го заврши проектот.
Изработувачите на проектот се согласни дека час поскоро треба да се формира државниот фонд за енергетска ефикасност и животна средина кој добро би било да се лоцира во Битолскиот регион.
А.Б