fbpx
ВестиСоветиТоп вести

ПОСКОК ( Vipera ammodytes)

 

Поскокот е змија која спаѓа во родот на љутици (vipera) и е најпозната и најотровна змија во нашата држава. Кај народот е позната и под името: смрка,камењарка, усојница и др. Често се наоѓа на суви и каменести места обраснати со ниска вегетација, лозови насади, ивици на шуми, обработливо земјиште, планински пасишта до 1000 метри надморска висина. Кај нас е присутна една врста на поскок (Vipera ammodytes), додека во соседната Р. Бугарија има покрај (Vipera ammodytes) и  подврста (Vipera ammodytes-montandoni). Исто така во Р. Грција во континенталниот дел  егзистира (Vipera ammodytes) додека на островите и брегот на морето (Vipera ammodytes-meridionalis ).

Поскокот има различен колорит на боја, но најчести се сиви и смеѓи нијанси прошарани со црна цик – цак линија на грбот. Има триаголна глава  на која што на предниот дел се наоѓа рокче по што се разликува од другите отровници од родот Vipera.  Може да нарасне и до еден метар должина. Поскокот раѓа од 10-20 млади и живее до 15 години.  Побавен  е и потромав од шарката но е поотровен.

Најактивен е и во лов излегува најчесто во предвечерните часови и неговата исхрана најчесто ја сочинуваат глувци, гуштери и птици. Својата жртва најпрво ја онеспособува со отровот, а после тоа истата ја проголтува.

Каснувањето од поскок за човекот може да биде смртоносно. Смртоносната доза изнесува од 25-40mg во зависност од возраста, општата кондиција и местото на каснување. Особено се опасни каснувања кои повредуваат крвен сад и отровот директно се в бризгува  во крвта при што смртта може брзо да настапи. Исто  така каснувањата во главата или вратот се исклучително опасни, но за среќа 90% од сите каснувања се на долните екстремитети т.е. во пределот на нозете.  Многу  помалку отпорни од каснување се децата и постарите лица.

За разлика од каснувањето од шарка (Vipera Berus) кое е многу болно каснувањето од поскокот не е со таков болен интензитет, но воедно е и поопасно и затоа е потребно што побрзо повредениот да се однесе до медицинска установа каде што може да прими противотров (серум). Ако каснувањето е на некој екстремитет, добро е местото правилно да се подврзе за да се забави дистрибуцијата на отровот низ целиот крвоток. Ова особено важи ако повредениот се наоѓа далеку од населено место. Најчесто од каснување од поскок страда руралното население кое извршува  земјоделски и сточарски активности. Исто така и ситната и крупната стока е во опасност  при напасување на површини каде што е присутен поскокот. Каснувањата се случуваат претежно во пределот на главата при што таа отекува. Поради влијанието на отровот и неможноста од исхранување на животното често исходот на ваквите средби е фатален.

Сепак треба да се нагласи дека поскокот е змија која што не е агресивна и која без да осети дека е загрозена не напаѓа. Исто така треба да се спомене дека и бројот на каснувања е доста мал и спаѓа во доменот на статистиката.

 

Текст и фотографија:  Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close